На 96 години почина Хари Белафонте, легендарен пејач, актер и активист
Њујорк -Хари Белафонте, пејачот и актер кој уриваше расни бариери во САД, почина во својот дом во Менхетн на 96 години од срцеви проблеми. Покрај тоа што важи за една од најуспешните афроамерикански поп ѕвезди на сите времиња, тој имаше огромен придонес и како активист за правата на црнците во САД.
Често нарекуван Кралот на калипсото, Белафонте е роден во Харлем во 1926 година. По службата во војската за време на Втората светска војна, тој решил да го реализира својот сон да стане актер, а за да ги плати часовите по глума, пеел во њујоршки клубови, придружувајќи групи во кои свиреле и џез легендите Мајлс Дејвис и Чарли Паркер.

На Бродвеј дебитираше во 1953 и веднаш ја освои највисоката театарска награда Тони за најдобра споредна улога. Актерската кариера потоа ја прошири и на филм.
Во кариерата сними повеќе од 30 албуми, а во 1985 го организираше снимањето на хуманитарниот сингл „Ние сме светот“, со кој се собираа пари за гладните во Етиопија. Песната беше првично изведена од Мајкл Џексон, Стиви Вондер, Брус Спрингстин, Боб Дилан, Реј Чарлс и Дајана Рос и собра милиони долари за донации. Во 2015 му беше доделен почесен Оскар за неговата хуманитарна работа.
Бил, исто така, противник на Апартхејдот во Јужна Африка и ја координирал првата посета на Нелсон Мандела на САД. Во 2014 година, тој ја доби хуманитарната награда „Жан Хершолт“, а во 2022 беше примен во Рокенрол-куќата на славните.