На 93 години почина Мери Квант, „мајката“ на мини здолништето

Славната британска дизајнерка ги направи здолништата пократки, нозете подолги, а жените послободни


Лондон– Прославената британска модна дизајнерка Мери Квант почина на 93 години, мирно, во сон, во нејзиниот дом во Сури, објави нејзиното семејство. Дејм Мери е заслужна за популаризација на мини здолништето, што помогна да се дефинира модата на 1960-ите.

Со моделите, во нејзини креации, 1967

„Таа беше една од најпризнатите модни дизајнерки на светот на 20. век и неверојатна иноваторка. Својот прв бутик го отвори во 1955 година и со своите далекувидни и креативни таленти брзо воспостави уникатен придонес за британската мода“, соопшти нејзиното семејство.

Квант важи за една од највлијателните личности на модната сцена во 1960-ите и со своите елегантни, живописни и едноставни дизајни придонесе модата да стане подостапна за масите.

Со модели, 1968
Нејзиниот бутик „Базар“ во Челзи стана срцето на лондонската мода и збиралиште на млади и уметници и набргу почна да привлекува и славни личности, како Брижит Бардо, Одри Хепберн, „Битлс“ и „Ролинг стоунс“.
Квант позира со Орденот на британската империја во Бакингемската палата, 1966

Квант веројатно е најпозната по зачнувањето на мини здолништето и жешките панталони, за кои кажа дека даваа чувство на слобода и ослободување. Дали Квант го измислила мини здолништето или не остана предмет на долг спор со францускиот дизајнер Андре Кураж, но не е спорно дека таа најмногу придонесла за негова популаризација и претворање во светски тренд. (АП)

На ревија со Бјанка Џегер, 2001