Што е вистина?


ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

Убавината е во окото на набљудувачот, гласи една стара поговорка. Многупати сум слушнал како некој едноставно ја објаснува убавината на оној кого го сака велејќи – да можеш да ја видиш (или да го видиш) со моите очи, би знаел зошто го сакам. Сфатив дека и вистината е во окото и главата на оној кој набљудува или коментира. Спознанијата што водат до заклучокот и создавањето на вистината се субјективна категорија и зависат од окото, сфаќањата, образованието, обработката на фактите, мисловниот процес, интелектуалното ниво, отвореноста за нови сознанија и воопшто личните својства и карактеристика на определена личност. И токму во таа несовршеност е убавината на човештвото, токму во таа разновидност и разнообразност лежи напредокот и развојот на цивилизациите. Во неприфаќањето на стереотипите и догмите, желбата за откривање и способноста за поставување на прашања и истрајноста да се пронајдат одговорите лежи досегашниот напредок на општеството и неговиот развиток. Историјата на човештвото ја испишале поединци што биле поразлични од „средината“ и просечноста на нивните современици, поединци кои не се задоволувале со догмите и стереотипите создадени во нивно време и со одговорите кои ги добивале на прашањата кои си ги поставувале. Таквите поединци, кои не го признавале зборот невозможно, го создале општеството во кое живееме и неговиот технички и технолошки напредок. Нивната цел и намера не била раководена од материјалните интереси и желбата за лична благосостојба туку биле гонети од желбата за вистината и спознанијата кои ќе дадат одговор на прашањата кои си ги поставувале можеби целиот свој живот. Токму таквата желба и потрага по вистината на човештвото му ги дала Никола Тесла, Алберт Ајнштајн, Леонардо да Винчи, Гауди и многу други познати луѓе и нивните достигнувања кои денес максимално ги ползуваме и искористуваме во секојдневниот живот. Но секогаш, без исклучок, нивната вистина била потврдена од праксата и практичната примена која ја покажала и докажала вистинитоста на нивните тврдења. Сите тие, денес легенди и богатство на човештвото, биле оспорувани, омаловажувани и негирани во текот на своите трнливи патувања кон вистината и откритието кое денес го ползуваме. Негирањето секогаш доаѓало од просечните, неспособните, суетни и самобендисани некреативни личности кои своето тогашно место и позиција во општеството го заслужиле со умилкување, кодошење, полтронство, негирање и плукање на се што е поразлично или поспособно од нив самите. Тие својата сила ја црпеле од толпата и нејзината просечност вешто манипулирајќи со стравот на толпата од сето она што е различно и не се вклопува во некоја замислена матрица создадена и изградена за просечните. Дури и кога реално не постојат непријатели, нужно било власта да ги измисли за да ја задржи и сочува состојбата на страв и параноја. Со еден збор, желбата на оние кои се на власт или во позиција да раководат со општеството е да се сочува состојбата на статус кво. Стравот, паранојата од измислениот непријател, неписменоста, наметнатите стереотипи и догми како вистина, контролирани или недостаток на информации се само дел од арсеналот со кој се одржува со години, па и децении состојбата на статус кво.

Како напредувало општеството, ако воопшто можеме да зборуваме за некаков сериозен напредок во поглед на моралните вредности и интелектуалниот потенцијал и надградба на образовниот процес, така напредувале и техниките да се одржи и сочува статус кво состојбата. Непријателот со кој бил заплашуван народот од змејови и вештерки, преку вампири и духови еволуирал во човечки облик па го добил ликот на нашиот сосед, сограѓанин, соученик. Доволно е тој да е во нешто поразличен од нас, па да го гледаме под око и со недоверба, доволно е да оди во џамија а не во црква или обратно, да не е од Скопје и да зборува на дијалект, да навива за друг клуб, да е симпатизер на друга политичка партија па да се сомневаме во него и неговите чесни намери. А, доколку истиот има и различно мислење од нашето, тогаш недовербата преминува во непријателство.

За пласирањето на „вистината“ и нејзиното креирање за политички потреби и цели се грижат цели партиски штабови и PR (public relations) агенции, па дури во земјите како нашата, а и во земјите во блиското окружување за тоа се грижат и државните „сејачи на магла“ односно службата за државната безбедност која многу одамна станала држава во државата. Не случајно Македонија многу високо котира на листата која ги рангира земјите во кои медиумите се подложни на лажни вести бидејќи и медиумите се длабоко инволвирани во ова креирање на „вистината“ која секојдневно му се пласира на секој човек во државата.

Со децении практикувањето на ова создавање на “вистина“ за луѓето, по потреба и по нечија желба, не доведе во ситуација во која луѓето многу тешко или скоро воопшто не ја препознаваат вистината од лагата, можното од невозможното. Феноменот на фантастичниот реализам или магиски реализам, не како книжевен израз туку како состојба во нашето општество за која пишував пред неколку години, го усовршивме до крајни граници и можности. Пишував за вистините и легендите на секоја власт, за фантастичното и надреалното во нормалното опкружување и општественото живеење при што вистинското станува фантастично и надреално а фантастичното станува реалистично. Магискиот реализам како општествена стварност која се практикува од секоја власт и која служи за замаглување и искривување на вистината не доведе до денешнава состојба во која повеќе вистината не е вистина, состојба во која човечките права и слободи се релативна категорија која зависи од нечија желба или хир, состојба во која вчера и настаните од вчера не се исти денес, утре или по три дена туку зависат од дневнополитичката потреба.

Во нашето општество секоја партија има своја вистина, секој градоначалник, весник, портал или телевизија имаат своја вистина и тоа за еден те ист настан, човек, постапка. Само кај нас на Балканот еден ист човек е и херој и криминалец, и добар и лош, зависно од тоа кого ќе го слушате и кој ја раскажува вистината.

Устите на политичарите се полни со грижа за правда и правичност, за човечките права и слободи, со „вистини“ и „факти“. Од нивните усти секогаш ќе чуете дека денес подобро се живее отколку во времето на нивниот претходник и политички противник, дека денес се зајакнати човечките права и слободи и се на многу повисоко ниво отколку вчера, дека реформите на правниот систем се спроведуваат, дека странските вложувања се многу поголеми отколку во изминатиот период и дека многу подобро, поквалитетно и послободно се живее. Порталите започнуваат да ги објавуваат главните поенти и „вистини“ на партискиот гуру започнувајќи со наслов мегабомба на тој и тој. Дневникот на телевизиите известува за слободата како да сме се ослободиле пред еден час од окупација, а весниците се преполни со извојувани битки и победи против корупцијата и криминалот. Тогаш настапуваат фејсбук-навивачите и со восхит ги постираат и прераскажуваат „постигнувањата“ и „напредокот“ во нашето општество кои се должат на единствениот и неповторлив партиски лидер, татко на нацијата, мајка на се што е живо. Опозициските телевизии негираат сè што е кажано, опозициските портали пишуваат за криминалот на сегашната власт, а фејсбук-опозиционерите се плукаат со поддржувачите на власта.

А таму некаде при крајот на весникот, со мали букви на порталот или во пет секунди во дневникот на телевизијата се спомнува за убиство во Чаир, бодење со ножеви во Марино, поскапување на бензинот и горивата, наместено судење во Велес, амнестија на дел од учесниците на “крвавиот четврток“. Нема ни да се спомне за реакциите на францускиот амбасадор и критиките за непреземање никакви активности по извештајот на Прибе и правните реформи, двојните аршини и селективноста при примената на законите, пазарењето и прогледувањето низ прсти на тајкуните, недопирливоста на поединците. Жестоко ќе се негира постоењето на корупцијата и непотизмот и ќе се прогласат за измислици и опозициски лаги.

Нашите политичари едногласно и со силен глас ќе ја критикуваат цензурата во друга земја ама како ноеви ќе ја збрцаат главата во песок и ни глас нема да пуштат кога во нашата земја се врши цензура. Ниту еден политичар не прозборе за забраната на еден филм, за забраната на една театарска претстава и една книга, не прозбореа за цензурата која влезе на мала врата но полека се шири во сите области на нашето живеење. Не прозбореа ниту ќе прозборат нашите политичари на оваа тема затоа што е тоа добар почеток за контрола на информациите и дисциплинирање на оние со слободна мисла.

Шверцот на цигари на еден градоначалник ќе се правда, ќе се замижи пред сликите од пијанчењето и банчењето по кафеани на другиот градоначалник, ќе се спинуваат изјавите и неработењето на третиот и сето тоа ќе се прикаже како ујдурма и лага на опозицијата. Вистината е резервирана за власта а лагата за противниците, но и за критичарите и неистомислениците. Секогаш „подобро“ се живее кога ќе се смени власта, секогаш земјата „напредува“ со „новите“ , секогаш реформите се во тек ама никако да завршат.

Партиите пред изборите почнуваат со умилкување на граѓаните, почнуваат да ветуваат „брда и долини“ и да одат од врата на врата за да, како што сами велат, „му се доближат на народот“. Остатокот од времето се оддалечени од народот, со своја вистина и партиска агенда во која ретко кога има место за народот и неговите маки, надежи и желби и за вистината. Вистина за нив е она што носи гласови, она што ги прикажува во поубава светлина а противникот го прави грд.

(Авторот е адвокат)