„Музика за 18 музичари“ на Стив Рајх вечер во Филхармонија


Антологиското дело на американскиот композитор Стив Рајх, „Музика за 18 музичари“, ќе биде изведено вечерва од 20 часот од оркестарот на Филхармонија под диригентство на Паскал Галоа од Франција.

Како што информираат од Филхармонија, ова ќе биде прва изведба на најпопуларното музичко дело на Рајх во Македонија.

Пишувано во духот на музичкиот минимализам, делото е создадено во седумдесеттите години на минатиот век и е најизведуваното дело на Стив Рајх. Делото, всушност, е циклус од единаесет различни акорди, кои функционално не се поврзани и не се среќаваат во ниту еден традиционален тонален систем.

Како уметник со многу таленти и мајстор на фагот, еден од најенигматичните дувачки инструменти, Паскал Галоа е солист, оркестарски музичар и професор кој остава печат и со својата работа како диригент. Неговото мото како уметник е дека музиката како уметност заслужува подобро место во општеството и токму поради тоа тој го води најголемиот конзерваториум во срцето на Париз.