Мукаетов: Нашиот највреден ресурс се луѓето!
Генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, во новогодишното обраќање се осврна на предизвиците во 2025 година, како и на претстојната 2026 година во која компанијата слави 90 години од нејзиното основање.
Неговото обраќање ви го пренесуваме во целост:
„Почетокот на 2025 година помина во контекст на засилените глобални геополитички предизвици, како и на регионалните случувања, кои беа обележани со интензивирана динамика.
Во март Македонија се соочи со една од најголемите колективни трагедии во поновата историја — трагичниот настан во Кочани, кој длабоко го потресе општеството, остави трајни последици и наметна потреба од преиспитување на општествените вредности и одговорности.
Во „Алкалоид“ посветеноста, економичноста и ефикасноста ги кренавме на највисоко можно
ниво, настојувајќи максимално да ги оптимизираме процесите во компанијата потпирајќи се на нашиот највреден ресурс – ЛУЃЕТО!
Компанијата и оваа година го продолжи трендот на континуиран годишен раст и реализираше значаен дел од својата ESG-стратегија. Го добивме бронзениот медал од EcoVadis (глобално призната платформа за оцена на одржливоста), со што се позициониравме меѓу водечките субјекти во регионот во поглед на транспарентноста и примената на одржливи практики. Во 2025 одбележавме 50 години од воведувањето на информатичката технологија, која половина век е клучна поддршка во глобалната експанзија на компанијата.
Континуирано инвестираме во нови софтвери и нивна интеграција во процесите, а во некои сегменти започнавме и со користење алатки на вештачката интелигенција.
Покрај континуираното инвестирање во нови технологии, „Алкалоид“ неодамна ја пушти во
употреба новата Микробиолошка лабораторија за контрола на квалитетот, со капацитет од
приближно дваесет илјади анализи годишно, која ја позиционира компанијата како регионален лидер во фармацевтската микробиологија и во контролата на лекови.
„Алкалоид“ денес е компанија на над 3.000 вработени и на над 6.000 акционери. Огромен број иматели на удели имаат доверба во еден систем, стекната низ турбулентни времиња, но со искрен и чесен пристап, доследност и почит.
Тука и сега работиме со посветеност, градиме и создаваме за генерациите што доаѓаат.
На прагот на годината во која одбележуваме 90 години од основањето на „Алкалоид“, би сакал да им оддадам почит на позитивните вредности што ги поврзуваат нашето минато, сегашноста и иднината.
Со искрена верба посакувам и натаму да продолжиме да ја градиме нашата успешна приказна
заедно, со посветеност, визија и заедничка одговорност.
Имајте убави празници!“