„Мудис“ го подобри кредитниот рејтинг на Хрватска, на чекор до инвестициско ниво


Агенијата „Мудис“ во петокот го зголеми кредитниот рејтинг на Хрватска за еден степен, од „Ба2“ на „Ба1“, доближувајќи ја земјата на чекор до инвестициски рејтинг, а ги промени и изгледите од позитивни во стабилни.

Во јули, среде нарушувањата предизвикани од корона вирусот, Хрватска беше примена во Европскиот механизам за девизен курс (ЕРМ) II, успешно завршувајќи ја подготвителната фаза за влез во еврозоната благодарение на сеопфатната програма за реформи, соопшти агенцијата.

Ефикасноста на мерките на Хрватска е подобрена во последниве години, оценува „Мудис“, заклучувајќи дека владата и централната банка обезбедија попредвидлива и постабилна рамка за економската активност во многу неизвесно опкружување.

Мерките преземени за ублажување на влијанието на пандемијата со корона вирусот биле навремени и ефикасни, соопшти агенцијата.

Според „Мудис“, Хрватска ќе продолжи да води здрава економска и финансиска политика, бидејќи за влез во еврозоната ќе биде потребна одржлива економска конвергенција и подготвеност за учество во банкарската унија.

Исполнувањето на критериумите за економска конвергенција веќе напредна, како што покажува извештајот на Европската централна банка (ЕЦБ) за 2020 година, забележува агенцијата.

Од макроекономска и банкарска перспектива, тесната соработка меѓу ХНБ и ЕЦБ и вклучувањето на осумте најголеми банки кои работат во Хрватска под надзор на ЕЦБ, дополнително ќе го подобрат регулаторното опкружување и ќе поттикнат усвојување на најдобрите практики, соопшти „Мудис“.

Фискалниот кредитен профил на Хрватска е подобрен и покрај негативното влијание на пандемијата со корона вирусот, соопшти агенцијата.

Хрватска претежно издава обврзници во евра, а влегувањето во Механизмот за девизен курс II дополнително го намалува ризикот од од смалениот фискален простор во случај на ослабување на валутата.

Минатата година, 71,4 проценти од долгот на општата влада беше изразен во евра, помалку отколку во 2016 година, кога учеството беше 73,8 проценти. Уделот на обврзниците деноминирани во куни се зголеми од 22 проценти во 2016 година на 28,4 проценти во 2019 година.

Во „Мудис“ проценуваат дека Хрватска може да се приклучи на еврозоната до 2025 година, со оглед на крајно неизвесното опкружување и обврската за спроведување на реформите по пристапувањето кон ЕРМ II.

Долгот на Хрватска ќе се зголеми оваа година поради пандемијата, проценува агенцијата.

Економијата годинава ќе падне за 8,6 проценти како резултат на влијанието на пандемијата врз понудата и побарувачката, проценува „Мудис“, потсетувајќи дека сериозно погодениот туризам сочинува една четвртина од економијата, кога ќе се земат предвид директните и индиректните ефекти.

Во такви услови, буџетскиот дефицит на Хрватска ќе се зголеми оваа година на 7,5 проценти од БДП, а долгот на 88,5 проценти од БДП. Изразено како дел од приходите, тој ќе биде речиси двојно поголем и ќе изнесува 192,5 проценти.

Наглото влошување на мерилата на долгот ќе биде привремено, проценува агенцијата и предвидува постепено намалување во 2021 година, кога, изразено како дел од БДП, треба да падне на 86,7 проценти, и на 85,9 проценти во 2022 година.

Намалувањето треба да биде поддржано со постепено закрепнување на економијата и владината буџетска политика за штедење, насочена кон исполнување на критериумите од Мастрихт.

„Мудис“ го држеше кредитниот рејтинг на Хрватска на Ba2 од март 2016 година, два степени под инвестицискиот и оттогаш само ги промени изгледите, од стабилни во март 2016 година на позитивен во март 2017 година и позитивен во април 2019 година.

Другите две големи агенции за кредитен рејтинг – „Стандард и Пурс“ (С & П) и „Фич“, го одржуваат кредитниот рејтинг на Хрватска на инвестициско ниво, што го потврдија и оваа година.

Така, во септември, С&П го потврди кредитниот рејтинг на Хрватска од ‘БББ- / A-3’, со стабилна перспектива, а во јуни, „Фич“ го потврди долгорочниот кредитен рејтинг на Хрватска од ‘БББ-‘, со стабилна перспектива.