Мерката за ѓубривата е и задоцнета и недоволна. Земјоделците бараат цел пакет мерки од Владата
Земјоделците не прифаќаат поевтинување на ѓубривата за 10 отсто, бараат враќање на цените од јануари. Тогаш цената на вреќа ѓубриво беше 600, а сега е 950 денари
БИТОЛА – Мачкање очи е намалувањето на маржата за ѓубривата за 10 проценти, реагираат земјоделеците по вчерашната одлука на Владата да се намали цената на ѓубривата за 10 проценти. За земјоделците мерката е задоцнета и нецелисходна, бидејќи најголем дел од нив веќе набавија ѓубрива. Она што сега може да помогне е ретроактивна мерка и пакет за помош на земјоделците.
Земјоделците бараат цената на ѓубривата да се вратат како во јануари годинава кога вреќа од 25 кг ѓубриво се продаваше за 600 денари, а сега истата вреќа се продава за најмалку 950 денари.
Земјоделците се децидни дека во ситуацијата кога претходно ѓубривата поскапеа за над 50 проценти, намалувањето од 10 отсто нема да им помогне да ја надминат кризата и да ја реализаираат пролетната сеидба. Во истовреме земјоделците бараат и намалување на цената на заштитните средства.
Реакциите следуваат откако вчера министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, објави дека за 10 отсто ќе се намали продажната цена на резервите ѓубрива што продавачите ги набавиле по стари цени. Овие одлуки ги донела Владата на вчерашната седница, а ќе важат до 31 мај годинава.
Тони Петковски од село Велушина реагира дека ова мерка во принцип е задоцнета и дека МЗШВ чекало да се удвојат цените на ѓубривата па сега да ја враќа маржата за незначителен дел.
„Пред месец дена купив вреќа ѓубриво за 600 денари, сега истото е 950 денари. Вие министре го поевтинувате за 10 проценти, значи сега вреќата ќе чини 860 денари. Тие 90 денари од вреќе нас земјоделците не ни значат ништо. Вие министре треба да ја вратите цената од 1 јануари 2026 година за да можеме да опстанеме, а не вака. Иста така, треба да ја намалите цената и на препаратите за заштита на растенијата од плевел и болести. Демек голема работа заврши владата, а прво дозволи сѐ да поскапи за 50 проценти“, реагира Тони Петковски претседател на здружението „Пелагониско поле“ за „Независен“ и повикува дека само ретроактивна мерка може да ја спаси ситуацијата.
Со реакција се јави и Асоцијацијата на земјоделци и фармери, чии претседател е Петре Стојкоски.
„Асоцијацијата на земјоделци и фармери не е задоволна од одлуката на Министерството за земјоделие за замрзнување на маржата на вештачките ѓубрива од 5 и 10 насто, бидејќи во овој момент ѓубривото ни е најмалку потребно и одлуката има времен карактер, со рок до крајот на мај. Потребно е одлуките да имаат траен карактер. Бараме во истатата одлука да бидат внесени и сите заштитни репроматеријали од плевели и болести во земјоделието. Оттука бараме до МЗШВ и Инспекторатот да ги стави под контрола сите заштитни средства, цените на репроматеријалите да бидат намалени за 120 проценти, зошто наше мислење е дека сега има 200 проценти поскапување и разлика во цените“, изјави Стојкоски за „Независен“.
Според Стојкоски цената на репроматеријалите за земјоделието кај соседните држави е за 200 проценти пониска отколку кај нас.
„Ако МЗШВ и Владата не можат да го исполнат и споведат ова наше барање тогаш да ни дадат слободен увоз на репроматеријали за заштита од плевели и болести. Со спроведување на ова наша барање ќе се намалат трошоците во земјоделието, а ќе се зголеми довербата во иснституциите“, изјави Стојкоски.
Земјоделците по итно бараат земјоделски пакет од Владата како помош за оние што произведуваат храна во ова кризно време.
„Ако сега Владата не ни даде помош во земјоделски пакет за пролетната сеидба, за храна за стоката, нема да собереме храна, нема да ја прехраниме стоката и ќе бидеме принудени најмалку 20 проценти од стоката да ја продадеме, исто толку да ги намалиме и површините со земјоделски култури за да ги намалиме трошоците, за да опстанеме, да преживееме“, апалира Петковски.
Министерот Трипуновски вчера кажа дека за 10 отсто ќе се намали продажната цена на резервите ѓубрива што продавачите ги набавиле по стари цени. Се воведува и обврска за континуирано снабдување на пазарот со вештачки ѓубрива – трговците на мало се должни месечно да обезбедуваат и да продаваат најмалку 70 отсто од просечните количини набавени во 2026 година, а трговците на големо да ги снабдуваат трговците на мало со најмалку 70 отсто од просечно продадените количини.
Според министерот, Државнот пазарен инспекторат констатирал раст на цените и варирање на маржите, кои во зависност од компанијата се движеле од 15 до 60 отсто, а во некои случаи, кај специјални, органски ѓубрива, имало раст на маржата и до 70 проценти, што според Трипуновски е недозволиво.
Одлуките се донесени врз претходна консултација и разговор со регистрираните увозници на вештачки ѓубрива, но и по претходно направена анализа од страна на Државниот пазарен инспекторат.
Но, земјоделците коментираат дека МЗШВ и Владата задоцниле со мерките.
Во 2022 година кога се субвенционираше вештачкото ѓубриво, се опфати период од 1 декември 2021 година до 31 мај 2022 година. Всушност, мерката се донесе на 12 април 2022, а важеше ретроактивно.
Сега се носи мерка од 20 аарил па до 31 мај. Што со тие кои веќе купиле ѓубрива, прашуваат земјоделците, кој ќе им ги надомести парите?