Муцунски зборуваше на конференција на која Рубио најави пресметка со левичарски групи


 

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, објави на Фејсбук што зборувал на конференцијата во Вашингтон за борба против политичкиот тероризам. Тој рекол дека политички мотивираниот тероризам не смее да остане слепа точка во заедничката безбедносна архитектура и современите закани бараат координиран одговор, силни институции, цврсти партнерства и целосно почитување на владеењето на правото.

Во говорот на отворањето на конференцијата американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека САД ќе се фокусираат на меѓународните антитерористички напори кон „екстремно левичарски терор“, велејќи им на претставниците од повеќе од 60 земји дека левоориентираното насилство се запоставува. Според него, заканата од исламскиот милитаризам е „значително намалена“ благодарение на координираните меѓународни напори. Но, тој предупреди на „неоспорната реалност“ дека растечкото левоориентирано насилство е „слепа точка“.

„Заедно со високи претставници од повеќе од 60 држави, разговараме за зајакнување на меѓународната соработка и институционалната подготвеност за справување со новите безбедносни предизвици. Настанот е значајна можност за продлабочување на соработката со САД и другите меѓународни партнери, преку поефикасна размена на безбедносни и оперативни информации и координиран пристап“, напиша Муцунски на Фејсбук.