Муцунски: Власта намерно не го става Законот за намалување на ДДВ на струјата на собраниска седница

Граѓаните ќе добијат повисоки сметки за струја заради неспособноста на владејачкото мнозинство да менаџира соодветно со Собранието и да ги антиципира и пазарните текови поврзани со цената на струјата, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски одговарајќи на новинарско прашање зошто се уште власта не го носи Законот за намалувањето на ДДВ на струјата, а веќе почна нов месец.
Муцунски истакна дека Законот помина во Комисијата за финансирање и буџет со која претседава ВМРО-ДПМНЕ, но дека власта не го става овој Закон на пленарна седница, како и дека ги одби другите предлози за олеснувања.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека покрај ова намалување, имале и два дополнителни предлози. Првиот предлог е намалувањето да важи и за следната година за граѓаните и таа година да немаат покачување на сметки и второто да важи и за правните лица.
„Тоа се одби од страна на мнозинството. Но ВМРО-ДПМНЕ го забрза и поддржа носењето на овој Закон. Прашањето кое треба да го постават и граѓаните и медиумите е зошто повеќе од недела дена се чека да се закаже пленарна седница на која ќе помине овој закон“, истакна Муцунски.
Тој потенцира дека нејасни се причините за калкулација на мнозинството, а фактички на терен ќе се случи тоа што ВМРО-ДПМНЕ подолг период го најавуваше, дека граѓаните ќе добијат повисоки сметки.