Муцунски на бизнис форум во Лондон: Британските компании да ги истражат можностите кои ги нудат македонскиот пазар и економија

Во рамки на посетата на Лондон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се обрати на бизнис форум на кој пред повеќе од 50 британски компании ги презентираше можностите за инвестиции и инвестициската клима во земјава.
Како што соопшти МНР и НТ, на форумот, министерот Муцунски говореше за напорите и активностите на Владата за унапредување на бизнис-климата, и потенцијалите за зголемување на трговската и економската соработка.
-Во таа прилика тој ги покани британските компании да ги истражат можностите кои ги нудат македонскиот пазар и економија и изрази подготвеност, на ниво на Влада и Министерство, да им биде обезбедена сета неопходна поддршка за реализација на нивните инвестиции планови и цели, се наведува во соопштението.
За време на работниот престој во Лондон, министерот Муцунски го посетил и училиштето за источноевропски јазици во рамките на University College London, каде што се изучува и се зборува македонскиот јазик. Притоа била реализирана донација од учебници и литература, кои ќе помогнат во совладувањето на нашиот мајчин јазик.
-Токму промоцијата на македонскиот јазик и создавањето услови за негово изучување се едни од најважните приоритети на Министерството, на кои активно се работи во изминатиот период, се наведува во соопштението.
За време на посетата, министерот Муцунски, се додава, остварил и средба со членовите на Парламентарната група во британскиот Парламент за соработка со Република Северна Македонија.
-На средбата се разговараше за унапредување на билатералните односи, зајакнување на парламентарната соработка, како и за значењето на двата парламенти во унапредувањето на политичките односи помеѓу двете земји. Министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната поддршка и интерес за нашата земја, како и за придонесот во зајакнувањето на пријателството помеѓу двете држави, стои во соопштението.