МСУ го има уметничкото богатство на солидарно Скопје: Интервју со Благојa Варошанец, виш кустос


Лејла Сабит

-Донаторството како иницијатива за формирање на Музејот, од уметници од целиот свет почнуваат спонтано пост-земјотресот. Сепак, екот на донациите се случува помеѓу 1964 до 1985 година и во тој период во музејот пристигнале околу 3.000 дела, кои денес се дел од колекцијата. Свои дела донирале уметници кои ја создадоа модерната уметност, како што се: Пикасо, Хартунг, Вазарели, Сантомазо, Лубарда, Калдер, Бури итн.

Од колекцијата која главно настанала со подарени дела, музејот го задржал своето настојување за застапеност на значајни уметници и дела во контекст кон ликовна современост. Освен уметниците, во донирањето учествувале и установи, организации, амбасади и тн. Континуитетот на формирањето на една ваква колекција и нејзиното дејствување го вградува музејот во тековите на современата уметност и секако го позиционира на светската мапа, вели за „Независен“, Благојa Варошанец, виш кустос во Музејот на современа уметност во Скопје, во пресрет на 26 јули, кога пред 57 години, во 1963 година, во 5 часот и 17 минути, земјотрес го срамни Скопје со земја.

Чиј подарок е МСУ, чии исклучителни меѓународни и национални колекции ги виде јавноста или се уште во депоата, која е највредна, чии се уметнички дела на врвни уметници се донирани како солидарност на МСУ, дали се добро заштитени…, во продолжение на интервјуто.

Благојa Варошанец, виш кустос во МСУ

По земјотресот, Скопје е прогласен за град на светската солидарност. Неговата урбанизација и изградба е поврзана со големата помош и од светот и од народите на Југославија, од ангажаманот на голем број светски имиња како што е урбанистот Адолф Циборовски и архитектот Кензо Танге, чии проекти останаа нереализирани до крај. Но, за пошироката јавност останаа непознати имињата и на други големи градители и донатори. Музејот на современа уметност на Македонија е грандиозен проект на доминатното скопско Кале за кој малку се знае. Чиe е ова дело, кажете ни нешто за историјатот на изградбата на оваа импозантна куќа на уметноста?

-Неопходно е постојано да потсетуваме дека формирањето на Музејот на современата уметност и формирањето на светска и национална колекција, со дела на најпознатите и највлијателните уметници на модерната уметност, има историјат кој е директно поврзан со катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година. Проектот на солидарноста смислен и аплициран во 1964 година, врвот го достигнува во 1970 година со изградбата на новата зграда на Музејот. Со залагање на архитектот Адолф Циборовски, во изработката на проектот за зградата на МСУ се вклучува владата на  Полска, која решава проектот да биде нејзина донација и за таа цел во 1966 година распишува национален конкурс на кој се пријавуваат 89 проекти. Избран е проектот на архитектите Јержи Мокшински, Евгениуш Вјежбицки и Вацлав Клишевски познати како „Полски тигри“, затоа што ги задоволува зададените барања за примена на современите музеолошки и функционални принципи. Изградбата на Музејот е започната на 5 април 1969 година и е завршен на 13 ноември 1970 година, кога е и свеченото отворање со големата изложба на делата од колекцијата, односно со промоцијата на првата музејската постојана поставка.

Денес, зградата има две нивоа на изложбен простор, дел за вработени и еден делумно под земја наменет за депоата, лабораторија за конзервацијата и повеќе наменски простории. Корисната површина зафаќа вкупно 5.428м2, од која 3.000м2 припаѓаат на изложбените простори, а останатите на депоата, администрацијата, инфраструктурата и други пропратни содржини.

Фото: Б. Грданоски

МСУ крие и едно друго големо богатство. Младите генерации во Македонија малку знаат што се има во депоата на музејот. Дали сите слики од исклучителните меѓународна и национална колекција ги виде јавноста?

-Со оглед на специфичниот и стилски разновиден израз на колекцијата која брои 5.300 дела во повеќе медиуми, почнувајќи од сликарството, графиката, скулптури, видео арт, фотографија и инасталации, речиси е невозможно во просторот на музејот да се изложат сите дела во една единствена презентација. Тимот на МСУ преку обработени континуирани изложби пробува да ја прикаже целата колекција во сегменти обработувајќи различни проблемски прашања.

Што уште не е изложено?

Тешко прашање, со оглед на 57-годишното континуирано излагање на делата од колекција. Во периодот од отворање на МСУ до ден денес, се инсистира на тоа да се изложуваат различни дела за цел да се презентира целата колекција.

Од кога почна донирањето на уметнички слики и чии се уметнички дела на врвни уметници се донирани како солидарност на МСУ?

-Донаторството како иницијатива за формирање на Музејот, од уметници од целиот свет почнуваат спонтано пост-земјотресот. Сепак, екот на донациите се случува помеѓу 1964 до 1985 година и во тој период во музејот пристигнале околу 3.000 дела кои денес се дел од колекцијата. Свои дела донирале уметници кои ја создадоа модерната уметност, како што се: Пикасо, Хартунг, Вазарели, Сантомазо, Лубарда, Калдер, Бури итн. Од колекцијата која главно настанала со подарени дела, музејот го задржал своето настојување за застапеност на значајни уметници и дела во контекст кон ликовна современост. Освен уметниците, во донирањето учествувале и установи, организации, амбасади… Континуитетот на формирањето на една ваква колекција и нејзиното дејствување го вградува музејот во тековите на современата уметност и секако го позиционира на светската мапа.

Пабло Пикасо во неговото студио 1963/64 непосредно пред да ја донира сликата за МСУ Скопје , долу десно Глава на жена, 1963, масло на платно, 73х55 см.

Јавноста во Македонија ја виде и архивата поврзана со процесот на креирање на меѓународната колекција и кореспонденцијата со авторите на делата. Лани за првпат, МСУ изложи дел од личната кореспонденција на авторите како Александер Калдер, Џаспер Џонс, Шила Хикс, Алекс Кац, Јон Григореску, Сол ЛеВит, Вифредо Лам, Мина Ситрон, Џеф Расел, Бриџит Рајли… Дали контактите продолжија до денес?

-Иако дел од авторите-донатори со нивното творештвото го обележале периодот на 60-те, многу од ние се активни до ден денес. Со текот на времето контактите се изгубени и не се во континуитет како во времето на донациите, но сепак музејот ги продолжува контактите со рецентните и во подем светски и македонски уметници.

Бидејќи тие донации беа поврзани со земјотресот, дали тие продолжија и денес, во „нормални услови“?

-Приказната за донациите на уметнички дела пополека стивнува при крајот на 80-те години на 20-от век. Поради периодот на транзиција се губат контактите и средствата за организирање на изложби освен инцидентни случаи, во периодот по 90-те години, но со далеку помал интензитет.

Дејвид Хокни, Портрет, цртеж, туш на хартија, 35х42,5 см, 1967

Од чии земји има колекции во МСУ?

-Кога велиме дека имаме автори од сите делови на светот, тоа значи навистина од сите континенти и тоа од 67 земји во светот, од Аргентина до Нов Зеланд, од Белорусија до Јужноафриканската Република. Се работи за уметнички дела кои се дел од историјата на уметноста, од автори кои се високо ценети во своите средини и се влезени во тековите на модерната светска уметност. Многу од нив се уште живи и активни уметници иако го одбележале творештвото во шеесеттите години на минатиот век.

Дали се тие добро заштитени?

-Тимот на кустоси и конзерватори од МСУ дава сѐ од себе делата од колекцијата да имаат соодветен заштитен пристап и секако Музејот поседува едно од најдобро опремените музејски депоа со добри услови за чување на делата од колекцијата и осовремена конзерваторска лабораторија.

Клод Виала, „Повторување во чест на Х.Б.“, отисок на платно, 268х213 см, 1970

Која колекција е проценета за највредна?

-Сите колекции се вредни на свој начин. Колекцијата на МСУ секогаш ја потврдува битната карактеристика на модерниот израз, а ние ја третираме како жива, менлива материја, која дава можност за различни изложбени поставки. Единствено во материјална смисла, може да се каже дека највредна е француската колекција.

Кои наши уметници се застапени во националната колекција на Музејот?

-Почнувајќи од основоположниците на македонската модерна уметност, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димитар Пандилов, Димо Тодоровски во континуитет со втората генерација на школувани уметници на академиите (во Загреб, Љубљана и Белград), Петар Мазев, Боро  Митриќески, Борка Аврамова, Петар Хаџи Бошков, Јордан Грбуловски-Грабул, Душан Перчинков, Васил Василев, секако и Анета Светиева, Симон Шемов, Благоја Маневски, Глигор Стефанов, Исмет Рамичевиќ, Жанета Вангела, Станко Павлески, Антони Мазневски, Јован Шумковски, Ирена Паскали,  Јане Чаловски, Нада Прља, Мирна Арсовска, Гордана Вренцоска итн.

МСУ е познат и по графичката колекција, која е дел од меѓународната збирка на Музејот. По што е раритена и специфична?

-Графичката колекција е најдоминантен сегмент од разновидната збирка на Музејот со над 2.000 графички листови од уметници од 57 земји и од сите континенти, вклучувајќи го и националниот дел од колекцијата. Ги опфаќа разновидните истражувања на уметниците и нивните креации преку графичкиот медиум. Во развојот на графичката уметност, широкиот дијапазон на стилски определби се движи во рамките на фигуративните, нефигуративните и апстрактните тендеции, па сѐ до поп-артот и концептуалната уметност што се следи преку делата на авторите кои ја одбележале историјата на уметноста во 20-от век, а се дел од колекцијата. Тоа се авторите: Ханс Хартунг, Виктор Вазарели, Андре Масон, Бернард Бифе, Ники Де Санфал, Георг Базелиц, Џаспер Џонс, Соле Ле Вит, Тадеуш Мисловски, Луис Камницер, Боб Бони, Бриџит Рајли итн.

Луис Камницер, „Пејзаж како став“, акватинта, 1979

МСУ Скопје е еден од ретките музеи познат и во кругот на филателистите. Чии се поштенски марки содржи колекцијата?

-Поштенските марки се инспирирани од Колекцијата на МСУ – Скопје.

На 10 декември 1986 година, Поштата на Југославија издаде серија поштенски марки насловена „Модерно сликарство“, единствена со таков наслов во историјата на поштенски марки на Југославија. Беа издадени пет поштенски марки во серијата, сите репродукции на дела од колекцијата на МСУ – Скопје. Селектираните дела беа „Мртва природа“ од чешкиот сликар Франтишек Музика, „Метеж“ од Шпанецот Рафаел Каногар, „Глава на жена“ од ФранцузинотБернар Бифе, маслото на платно на францускиот Унгарец Виктор Вазарели со наслов „ИОЛ“ и најпознатото дело од Музејот, „Глава на жена“ од Пабло Пикасо. Дизајнот за марките е изработен од тогашниот дизајнер на Поштата на СФРЈ, охриѓанецот Димитрие Чудов.

Кога МСУ ќе се отвори за посетителите? Кои активности ги планирате онлајн?

-Наскоро, штом се објават протоколите за повторно отворање на музеите за посетители, но за целиот период музејот е активен преку социјалните мрежи со низа активности: од промоција на делата од колекцијата, достапност за читање на списанието „Големото стакло“ во ПДФ формат, дигитални прошетки низ изложбите, па се до онлајн филмска и едукативна програма.

Фото: Б. Грданоски