МРП вакцината не е причина за аутизам – имунизацијата спасува животи


Вакцинација МРП (Фото: Б. Богдановска)

Најдобро е вакцините да се примаат навремено, според календарот за имунизација, но и ако се одложи некоја вакцина, може да се стави подоцна. Важно е децата да бидат имунизирани, за да не се соочуваме со епидемии од болести кои треба да се сметаат за изчезнати или болести кои се јавувале и земале жртви пред да ги имаме вакцините како одлично средство во борбата со многу болести.

Во услови на намален глобален опфат со МРП (морбили, рубеола, заушки) вакцина за прва доза, од 83 отсто и втора доза, од 74 проценти, што е далеку под опфат од 95 отсто, неопходен за постигнување на колективен имунитет, се зголемува ризикот од појава и проширување на епидемија од мали сипаници.

Доколколку МРП вакцината не се прими со навршени 12 месеци на детето и се одложи за понатаму, д-р Кристина Ставридис појаснува дека таа може да биде аплицирана подоцна. На пример, ако детето ја прими на две години, ревакцината се врши според календарот, на шест години. Доколку првата доза се прими по навршени шест години, ревакцинацијата се врши по еден месец.

Брифинг за МРП вакцината (Фото: Б. Богдановска)

На денешниот брифинг за новинари со здравствени работници, беше кажано дека последната епидемија на мали сипаници во Македонија беше во 2019 година со вкупно 1.901 заболено лице.

– Над 80,5 отсто од заболените лица во епидемијата беа невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Епидемијата заврши како резултат на интензивната вакцинална кампања со МРП вакцинација, со која беа опфатени над 44.000 деца до 14 годишна возраст, како најефикасна противепидемиска мерка. Таа година, опфатот со МРП вакцина надмина 93 проценти и за прва, и за втора доза. Но, веќе следната година со почеток на Ковид-19 пандемијата, вакциналниот опфат се намалува на 63,0 отсто за прва доза и 68.5 проценти за втора доза. Следните две години се бележи скромно зголемување на кое достигна 70.7 отсто за прва доза и 89.2 проценти за втора доза, во 2022 година. Нискиот опфат последните две години доведува до зголемување на бројот на невакцинирано, осетливо население на мали сипаници, информираа лекарите.

Годинава пак, забележан е еден случај кај дете од 13 месеци, од Свети Николе, кое не стигнало да биде вакцинирано. Но, таму, опфатот со вакцинација бил 98 отсто, што придонело да не се појави епидемија. Она што загрижува е нискиот опфат на вакцинација, а најзагрижувачки се бројките во Битола, Струга, Гевгелија и Куманово. Особено Куманово, каде опфатот на вакцинирани е само 40,3 отсто.

Овој месец, Романија прогласи епидемија од морбили каде најпогодени се девата до 9 годишна возраст. 

Мехмедовиќ: Не постои релевантен доказ дека вакцините предизвикуваат аутизам

Голема штета во вакцинацијата со МРП вакцината има направено една студија од 1998 година, која подоцна е побиена, дури и судски, но стравот од поврзаност на аутизмот со примањето на оваа вакцина опстојува од тогаш наваму.

Д-р Лилјана Којиќ (Фото: Б. Богдановска)

Како што појасни д-р Лилјана Којиќ, од Клиниката за детски болести вели дека се соочуваме со три групи возразни, оние кои без прашање вакцинираат, оние кои имаат отпор кон вакцините, како и оние кои зе збунети и исплашени, па одложуваат вакцинација.

– Со нив треба најмногу да се работи – порача Којиќ.

Не постои релевантен доказ дека вакцини предизвикуваат аутизам, изјави д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.

Д-р Злате Мехмедовиќ (Фото: Б. Богдановска)

На прашањето за докторите кои ги советуваат родителите против вакцинација, Мехмедовиќ одговори дека токму поради ова се и средбите со новинарите, за заедно со медицинските лица, да придонесат кон правилно информирање на јавноста.

Компликации кои може да настанат од болестите

Примариус доктор Љиљана Којиќ, специјалист педијатар при Клиника за детски болести, говореше за компликациите што можат да настанат по прележување на морбили.

Таа сподели дека во нејзиното претходно работно искуство, имало случаи на 11 деца со аутистичен спектар што не биле вакцинирани, па нагласи дека кај нив во никој случај не може да има поврзаност со вакцинирање. На родителите што сакаат да ги вакцинираат децата кои се алергични, им советува да се обратат за консултација на Одделот за имунологија, на Клиниката за детски болести.

Со интензивни кампањи до повеќе вакцинирани

Доктор Кристина Ставридис, епидемиолог од Институтот за јавно здравје вели дека се работи на зголемување на опфатот со вакцини, со интензивна кампања за откривање на невакцинирани деца и нивно вакцинирање. Се има и поддршка од Светската здравствена организација во активностите за зголемување на опфатот со вакцини, со вклучување и на теренска вакцинација. Податоците за шесте месеци веќе покажувале напредок во однос на опфатот.

– Очекуваме оваа година, за разлика од претходната, зголемен опфат со вакцинираност, нагласи Ставридис.

д-р Критина Ставридис (Фото: Б. Богдановска)

Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани рече дека ние сме „жртви“ на нашите родители.

– Тие нѐ вакцинирале нас,н ивните родители ги вакцинирале нив – порача ДиЏовани.

Сподели дека посетила земји, каде мајките се подготвени да пешачат и по 20 километри за да ги вакцинираат своите деца.

МРП вакцината најдобра заштита од сипаници, рубеола и заушки

МРП вакцината, која почнува да се употребува од 1963 година, а во Македонија од 1972 година, е безбедна и ефикасна и е најдобар начин на превенција, комбинирана вакцина што обезбедува истовремена заштита против три сериозни болести, мали сипаници, рубеола и заразни заушки.

Причина за овие болести е вирусна инфекција. Најчесто се јавуваат во детската возраст иако може да заболат и возрасни лица. Не постои специфичен третман за овие болести, но, успешно може да се превенираат со навремена и редовна вакцинација.

Малите сипаници се високозаразно, респираторно заболување предизвикано од вирус што може да доведе до тешки компликации и смрт.

Рубеолата е вирусна респираторна инфекција која вообичаено предизвикува благи симптоми кај децата, како зголемена температура, осип и отечени лимфни жлезди. Кај децата може да помине и без симптоми, но кај бремените жени и нивниот плод може да предизвика сериозни здравствени компликации. Децата може да го изгубат слухот, видот, а може да имаат и срцеви дефекти и интелектуана попреченост.

Заразните заушки – паротит, се вирусна респираторна инфекција која се манифестира со зголемена температура, главоболка и оток на плунковите жлезди. Вообичаено болеста поминува со блага клиничка слика, но кај одредени случаи може да предизвика сериозни компликации како воспаление на мозочните обвивки – менингитис, или воспаление на мозокот – енцефалитис. Ретка, но карактеристична компликација е губење на слухот. Секој четврти адолесцент или возрасен маж развива оток и воспаление на тестисите, што ретко може да доведе до неплодност.