Можно натамошно затегање на монетарната политика


Фото:Б.Грданоски

Во нашата економија воопшто не гледавме притисоци од страна на побарувачката, а ако видевме такви притисоци и досега ќе реагиравме со основната каматна стапка. Реагиравме претходно со задолжителната резерва, а реагираме и со другите инструменти кои ги имаме на располагање со кои влијаеме на ликвидноста во банкарскиот систем, оцени денеска гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.

Како што нагласи, одлуката за зголемување на каматната стапка што беше донесена во рамки на Комитетот за монетарна и оперативна политика повеќе значи превентивно делување и реакција на инфлациските очекувања кои како што се гледа имаат нагорно поместување.

-Ја следиме состојбата и во тек се нови макроекономски проекции во кои правиме целосна детална оценка на сите сегменти во економијата и врз снова на нив на средината на идниот месец повторно ќе ја преиспитаме монетарната политика. Во овие времиња неопходно е будно преиспитување на монетарната политика на континуирана основа, а како ќе реагираме ќе зависи од сите најнови податоци што ќе ни бидат на располагање, посочи Ангеловска-Бежоска во одговор на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со потпретседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова

Нагласи дека ние сме мала и отворена економија и во голема мера сите домашни случувања се условени и од глобалните случувања.

-Токму главните предизвици за глобалната економија се предизвици и за нас. За жал се соочуваме со нов шок, тоа е војната во Украина што прави дополнителни ценовни притисоци и инфлациските очекувања ги поместува нагоре, но значи и надолни притисоци за економскиот раст. Позитивно е што барем досега меѓународните финансиски институции не предвидуваат рецесија. Се предвидува само забавување на економскиот раст што ќе се одрази и на нашата домашна економија, рече Ангеловска-Бежоска.

Истакна дека трговската отвореност во нашата земја изнесува 140 проценти од БДП што, како што рече, значи дека е највисока отвореност во Западен Балкан и петта во регионот на Централна и Југоисточна Европа.

-Колку сме повеќе трговски отворени, односно колку е вкупно извозот и увозот како учество во БДП, толку сме повеќе подложни на надворешни шокови. Тоа покажува дека голем дел од тоа што го произведуваме се извезува и голем дел од тоа што трошиме во домашната економија се увезува, а генерално значи дека сме подлежни на сите надворешни шокови. Има шок на кој треба да се реагира, но просторот за реакција на монетарната политика во оваа ситуација е ограничен. Сепак, ние почнавме да преземеме одредени мерки како што е циклусот на зголемување на каматни стапки. Не сметам дека оваа мерка е задоцнета, туку напротив сметам дека е навремена затоа што треба да се има балансиран ефект и да се води сметка како тоа ќе влијае врз реалната економија, рече Ангеловска-Бежоска.

Порача дека не смеат да се потценат ризиците околу позначајно забавување на економскиот раст во услови на растечка инфлација и додаде дека носителите на политики будно треба да ја следат состојбата и будно и агилно да реагираат.

-Сега за сега од меѓународните финансиски институции е направена надолна ревизија на растот на глобалната економија за повеќе од еден процентен поен, но се уште во глобални рамки се очекува раст на економската активност вклучително и за европската економија што е клучно за нас, бидејќи се нашиот најзначаен економски партнер. Доколку ЕУ се соочи со рецесија постојат такви ризици и кај нас, но сега за сега во глобални рамки се очекува раст, потенцира Ангеловска-Бежоска.в