Може ли Македонија да издржи уште една криза

Дали ги научивме лекциите од изминатите кризни ситуации? Се чини не, затоа и цената која што ќе треба да ја платиме, доколку ескалираат состојбите, ќе биде повисока


Финансиска, здравствена, безбедносна, енергетска… кризите како на филмска лента се менуваа изминатите дваесетина или нешто повеќе години што доведе до бројни потреси и голема неизвесност. Од нив не беше поштедена ниту Македонија, која се справуваше со предизвиците како што знае и умее, а тоа значи најчесто прилично трапаво и невешто.

Наместо кризите да се искористат како шанса, како што тоа го велеа некои од политичарите, во нашиот случај резултираа со значително поголем јавен долг кој не придонесе да се поттикне економијата која е отприлика на исто место каде што и беше, ниту, пак, се подобрија продуктивноста и конкурентноста, структурата на стопанството исто така, а буџетот иако секоја година се искачува на нови рекордни нивоа, се покажа анемичен и без многу маневарски простор да придонесе состојбите во економијата да се подигнат.

Во ваква ситуација, што може да очекуваме од актуелната криза, поттикната од интервенцијата на САД и Израел врз Иран и чии контури веќе се гледаат? Може ли Македонија и нејзината економија да издржат уште една голема криза, каква што по се изгледа ќе биде надоаѓечката?

Информациите кои што стигнуваат деновиве покажуваат дека цените на нафтата и на гасот се значително зголемени. Според сите анализи, цената на нафтата може да се искачи на 150 долари за барел, два ипол пати повеќе во однос на цените изминатиот период. Кај гасот, барем во Европа, состојбата е уште подраматична, зголемувањето веќе сега е повеќе од двојно.

Иако никој не предвидува недостиг на енергенси, главната опасност и последица од ваквите трендови ќе биде – инфлацијата.

Порастот на цените на енергенсите ќе се префрли на другите производи и услуги што неминовно ќе поттикне раст на трошоците.

Зголемената инфлација, пак, ќе предизвика раст и на каматите, односно на цената на капиталот, а сето тоа во комбинација со неизвесностите во светската трговија, поскапиот транспорт, зголемените турбуленции на берзите и финансиските пазари, може да резултира со рецесија.

Дури и за САД, водечката економија во светот, работите не се сјајни. Првите 100 часа од операцијата „Епски бес“ ги чинеа американските сили најмалку 5,82 милијарди долари, што е околу 0,69 проценти од вкупниот буџет за одбрана на САД за 2026 година. Се проценува дека САД потрошиле 779 милиони долари во првите 24 часа од операцијата, но како што продолжуваа борбите, вкупните оперативни трошоци на американската офанзива достигнаа приближно 3,3 милијарди долари.

Нобеловецот Пол Кругман во видео блог „Каде е моето златно доба“ во петокот рече дека 17 дена по обраќањето до нацијата на претседателот Доналд Трамп во кое тој зборуваше за „златното доба“, фантастичниот раст на работни места што до сега не е виден, за ниските цени на бензините, дека „ништо од тоа не е вистина“.

„Не изгледа така утрово“, вели Кругман, посочувајќи дека бројката која што го привлекла вниманието беше извештајот за работни места според кој САД изгубиле 92 илјади работни места во февруари. Кругман вели дека не верува во тоа, како што не верува ниту во бројката од претходниот месец за креирани 126 илјади работни места во јануари.

Другата работа се цените со нафтата и бензините. Во моментот на објавување на видеото цената на Брент суровата нафта беше 90 долари за барел, што е значајно зголемување.
Но, она што Кругман го потенцира е тоа што растот на цената се случува побрзо отколку што очекувал.

„Пред 17 дена кога Трамп се фалеше со ниски цени на бензинот, националниот просек беше 2,98 долари за галон, додека во четвртокот, на 5 март таа се искачи на 3,32 долари за галон што е прилично големо зголемување“, вели тој, но што е најлошо, тоа нема да биде крајот, имајќи предвид дека многу од танкерите во Ормускиот теснец низ кој минува една петтина од нафтата во светот, се заглавени на погрешната страна.

Цените на бензините не се ни блиску до пикот што го имаа во време на кризата со синџирите за снабдување како резултат на ковид пандемијата, ниту во време на најлошите нафтени кризи изминатите децении, но одат нагоре.

Назад повторно во Македонија, она што денес може да се види на интернет страницата на Министерството за финансии, е дека фискалниот бројач покажува дека реализацијата на буџетските приходи заклучно со 5 март годинава била 14,75 отсто додека на вкупните расходи 19,58 отсто. Кај капиталните расходи реализацијата е 20,6 отсто (за ваквиот успех со кој што се пофали министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, интересно објаснување има ексвицепремиерот и актуелен пратеник Фатмир Битиќи, но за тоа подолу).

Буџетот, очигледно, се мачи со приливот на средства. Наплатата особено беше лоша во јануари, сега е нешто подобрена, но е под идеалните 16,6 отсто колку што „математички“ би требало да легнат на сметка на државата, ако приливите подеднакво се поделат по месеци (што никогаш не се остварува во практика). Од друга страна, кај расходите се забележува значајно натфрлање, а кај капиталните расходи тоа е уште поголемо.

Тука доаѓаме до објаснувањето кое што го образложи Битиќи во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија. Според него „тајната“ на ваквиот „успех“ е во ланскиот буџет во кој легнаа за 500 милиони евра помалку приходи, или осум отсто од вкупно предвидените. Тоа било причината исплатата да се префрли за годинава, што ги „надува“ капиталните расходи, но ваквата практика ќе придонесе кусокот пари во Буџетот годинава да се почувствува уште порано, веќе во ноември, смета Битиќи.

„Проблемот е што сите бројки сега покажуваат дека сме во многу тешка состојба и за тоа не е виновна кризата. Главниот проблем е што Македонија уште еднаш неподготвена ја дочекува кризата“, вели Битиќи.

Ако се остварат ваквите прогнози, во услови на растечка глобална криза, тогаш и просторот за интервенција од страна на Владата ќе биде ограничен.

Наспроти ваквите критики, пак, власта е многу покомотна. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на панел во Владата во петокот изјави дека „македонските компании функционираат во услови на глобална неизвесност којашто во сите земји во Европа создава надолни резултати кога станува збор за БДП, па дури имаме и економски партнери кои што влегуваат во минус“.

„За разлика од тоа нашата економија покажа дека е стабилна, дека е доста жилава и отпорна на сите овие предизвици, кои што се случуваат на глобално ниво“, рече министерката за финансии.

Ова по малку потсетува на една изјава од времето на финансиската криза дека ние всушност ќе сме имале ќар. Како излезе подоцна многу добро е познато.

Сега, првиот тест за издржливоста на домашната економија, но и на стандардот на граѓаните, ќе се види веќе од утре, кога Регулаторната комисија за енергетика ќе ги објави новите цени на дериватите, но и во наредниот период кога ефектите од кризата ќе се засилуваат глобално, и кои полека но неминовно ќе се пренесуваат и врз домашната економија.

Што ќе биде со цените на нафтените деривати и на гасот во нашата земја?

Една симулација направена со помош на алатките на вештачка интелигенција ги нуди следниве три сценарија (базирани на анализи на институции како ММФ, Меѓународната агенција за енергија и НАТО:

Според најверојатното сценарио, за ограничен конфликт, цените на горивата во Македонија би се зголемиле за 5 до 15 проценти, инфлацијата би се зголемила умерено, за 0,5 до 1,5 проценти, а притисокот врз растот на економијата би бил релативно мал, а би имало и можни краткорочни поскапувања на струјата.

Во услови на регионална ескалација на судирот, (второто сценарио), при што клучно ќе биде што ќе се случува со Ормускиот теснец, горивото би поскапело за 30-60 проценти, би поскапела исто така и храната како и транспортот, економскиот раст може значително да забави, а Владата можеби ќе мора да ги субвенционира струјата и горивото.

Најцрното сценарио е во случај на голема глобална криза, кога нафтата може да достигне над 150-200 долари за барел, Европа да падне во рецесија со што директно ќе биде погодена и македонската економија, поради падот на побарувачката од ЕУ и пад на извозот од Македонија, а можни би биле и отпуштања во индустријата. Ова би било слично на економскиот шок од 2022 година по војната во Украина, но потенцијално поголем. И другите држави во регионот ќе трпат големи последици.

Се наведува уште еден интересен факт – во глобални енергетски кризи, малите економии како Македонија често чувствуваат посилен инфлациски удар од големите економии, затоа што имаат помалку механизми за заштита.

Клучното прашање е колкав е фискалниот простор за нови задолжувања, доколку се наметне таква потреба, во ситуација кога јавниот долг е близу психолошката граница од 60 отсто од БДП, кога буџетскиот дефицит е проектиран на 3,5 отсто од БДП и кога стигнуваат за враќање милијарди евра доспеан долг во наредните неколку години.

Според некои процени, во случај на сериозна криза Македонија би можела да мобилизира од 0,5 до една милијарда евра дополнителен долг, без да влезе во критична зона, но тоа би имало своја цена – преку повисоки камати и поголем притисок врз буџетот во иднина и секако пролонгирање на процесот на фискална консолидација, онака како што е зацртан во фискалната стратегија. Во постојниот буџет предвидени се 200 милиони евра резерви.

За споредба, за време на ковид кризата тогашната влада реализираше неколку економски пакети за помош на компаниите и на населението во износ од околу една милијарда евра преку задолжување на меѓународниот финансиски пазар, потоа од ММФ, Светска банка, и задолжувања на домашниот пазар.

Поради структурата на буџетот, таква каква што е (најголем дел од расходите се за плати во јавниот сектор, потоа за трансфери кон ПИОМ за исплата на пензиите, социјални трансфери, плаќање на камати за направено задолжување итн), односно трошоци кои тешко може да се намалат, на владата генерално ѝ стојат на располагање две можности – да се задолжи дополнително или да ги скрати капиталните инвестиции (со сето влијание врз економскиот раст) или комбинација од двете.

Дополнително, доколку се зголемат каматите на новото задолжување, што е многу веројатно, трошоците уште повеќе ќе се зголемат. Каматите што сега ги плаќа државата се околу 250-300 милиони евра годишно, а ако продолжат да растат може да достигнат и 350-400 милиони евра годишно, а тоа ќе значи помалку средства за други намени.

Велат, повторувањето е мајка на знаењето. Но, во нашиот случај, се чини не ги научивме лекциите од изминатите кризни ситуации. Затоа и цената која што ќе треба да ја платиме, доколку ескалираат состојбите, ќе биде повисока.