„Мост што звучи“ – нова стихозбирка од Санде Стојчевски


Screenshot

 „Мост што звучи“ е насловена новата стихозбирка на поетот Санде Стојчевски, објавена од Здружението за уметност и култура на живеење „Дијалог“ од Скопје во рамките на едицијата „Современа македонска поезија“. Поетската книга содржи 90 песни во четири циклуси: „Гласови“, „Одгласи“, „Кругови“ и „Самодива“ и есеј од Стојчевски насловен „Зрачењето и значењето на зборот“.

Во рецензијата за книгата „Мост што звучи“, епископ дремвицки Давид (Нинов), меѓу другото, пишува дека во поезијата на Санде Стојчевски се појавуваат мноштво мостови, кои се скоро непристапни, но истовремено, кога ќе се зачекори по нив, се спасителни.

-Преку нив Стојчевски ја остварува можноста за целовитост. „Случајната шара од мастило / што од стемнетиот облак се цеди“ е хоризонтот, кој открива нови предели на човековата егзистенција, кои ја надминуваат неговата вкалапена логика. Аскетската потрага по вистинскиот размер на човековото битие го вперува прстот кон Санде Стојчевски како поет на дејствието, поет кој е во постојана акција да го најде знакот на испреплетувањето на световите, а доколку не го најде, тогаш самиот да го создаде. Затоа, поезијата на Санде Стојчевски е исполнета со светоста на изненадувањето. Мостот озвучува дека поезијата на Санде Стојчевски претставува врвно достигнување на нашата модерна мисла, и не само нашата. Стојчевски коренито го преобразува јазикот и отвора комплетно нов хоризонт за смислата и улогата на поетот, наведува епископ Давид. 

Санде Стојчевски (1948) пишува поезија, литературна критика и есеи, преведува од руски и од јужнословенските јазици. Работел како новинар и уредник во „Македонското радио“; уредник, главен и одговорен уредник, директор и главен уредник на книгоиздателството „Македонска книга“ од Скопје; а потоа во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Бил уредник во книгоиздателството „Мисла“ од Скопје; уредник и главен уредник на списанието „Стремеж“ од Прилеп; уредник во книжевната ревија „Акт“; и во гласилото „Reviеw“ на Македонскиот ПЕН-центар. Меѓу другото, бил претседател на Советот и на Управниот одбор на балканската манифестација „Рацинови средби“; во два мандата бил член на Управниот одбор на Македонскиот ПЕН-центар; во еден мандат член во Управниот одбор на Друштвото на писатели на Македонија…