Морнар џогирал по палуба и случајно ја открил локацијата на француски носач на авиони
Локацијата на францускиот носач на авиони Шарл де Гол беше откриена во речиси реално време откако еден морнар го снимил своето трчање на палубата користејќи ја популарната апликација за следење на фитнесот Strava. Безбедносниот прекршок се случил додека носачот бил распореден во источниот Медитеран во средината на војната со Иран, објави францускиот весник Le Monde.
Според весникот, младиот поморски офицер користел паметен часовник за да сними трчање од повеќе од седум километри на палубата на бродот, а неговиот јавен профил на Strava потоа ја прикажал локацијата на бродот во речиси реално време.
Потврда од сателитска снимка
Le Monde го потврди безбедносниот прекршок користејќи сателитски снимки направени кратко време по снимањето на активноста. Сликите јасно го покажуваат препознатливиот облик на носачот долг 262 метри, кој се наоѓал северозападно од Кипар, околу сто километри од турскиот брег. Франција го објави распоредувањето на носачот на 3 март, неколку дена по почетокот на нападите на САД и Израел врз Иран.
Генералштабот на француските вооружени сили потврди за „Ле Монд“ дека објавата не е во согласност со важечките правила за дигитална безбедност. Најави дека „командата ќе преземе соодветни мерки“.
Весникот, исто така, откри дека барем уште еден член на екипажот на француски воен брод на активна мисија јавно објавил геолоцирана спортска активност, што укажува дека ова не е изолиран инцидент.