МОН: Учебници за сите ученици на стартот на новата учебна година


Сите ученици ќе имаат учебници на почетокот на новата учебна година и тоа по сите
предмети согласно наставните планови во соодветните одделенија. Втора година по ред печатењето и испораката на учебниците се реализира навремено, а секое училиште ќе го добие тиражот кој го има побарано преку посебната електронска апликација на Министерството за образование и наука.

Обезбедени се и учебници по странските јазици, за прв пат после седум години во кои недостигаа, а наставниците и учениците самостојно се снаоѓаа со литература. Нови учебници со унапредена содржина има и за седмо одделение во основното образование и за прва година во гимназиско образование, каде започнува примената на нови наставни програми. Над 100 нови наслови ќе бидат достапни и за учениците од средните стручни училишта.

Изработката, печатењето и испораката на учебниците беше голем предизвик во минатото. Прашањето е системски решено, со новиот Закон за учебници во чија изработка учествуваа сите засегнати чинители, вклучително и автори, рецензенти, но и сите издавачки куќи во државата.

Сите надлежни институции, органи и тела кои учествуваат во постапката за обезбедување на учебници, доследно и навремено ги исполнија своите должности, за што Министерството за образование и наука изразува благодарност и повикува заедничкото делување за обезбедување на подобро образование да продолжи и понатаму. Учебниците се основен услов за квалитетен воспитно – образовен процес.