Момче со куче-придружник не било пуштено да влезе во автобус на ЈСП
На социјалните мрежи се појави информација дека на момче кое било со куче-придружник, не му било дозволено да влезе во автобус на ЈСП, иако пред неколку дена од претпријатието соопштија дека како општествено одговорна компанија, ќе им го овозможат тоа на нашите сограѓани.
„Во ЈСП Скопје денес не го пуштија Александар да влезе со својот миленик кој му е патем помошник. Ова е нешто кое неодамна го изјавивте дека ќе биде дозволено, а дозволувате вакви „сељачана“ да се возат.На трагикомедијава и нема крај!“, коментира една корисничка на услугите на ЈСП Скопје, која посведочила на настанот.
Од ЈСП Скопје соопштија дека преку социјалните медиуми дознале за случајот со Александар и неговото куче-придружник, кој преку „фејсбук“ информираше дека не му бил дозволен влез во автобус и покрај неодамнешната одлука на раководството за слободен пристап/влез на кучињата придружници на лицата со инвалидитет.
„Веднаш преку порака го исконтактиравме Александар да ни објасни за случката, но, се уште ни нема одговорено. Во меѓувреме, телефонски стапивме во контакт и со неговиот татко кој немаше никаква информација за настанот. Поради работни обврски, ни рече дека во текот на попладнето ќе не исконтактира“, велат од ЈСП Скопје.
Појаснуваат дека што точно се случило, истражуваат и преку нивната внатрешна контрола, а доколку се потврди дека возачот не го пуштил Александар со Бен да влезе во автобус, од нему познати причини, ќе биде соодветно санкциониран.