Моден времеплов низ историјата: Стефанија Насеска со колекција инспирирана од Златните маски од Требеништа

„Дали има нешто поемотивно и повредно  од тоа да ‘копаш’ по сопствената историја, да ја бараш с’ржта, а да ја најдеш вечноста? 


„Дали има нешто поемотивно и повредно  од тоа да ‘копаш’ по сопствената историја, да ја бараш с’ржта, а да ја најдеш вечноста?  Дали има нешто потешко од тоа да го бараш почетокот или крајот на вечноста?, се прашува модната дизајнерка Стефанија Насеска која повторно ја разбранува македонската модна сцена со нова модна колекција, придружена со фотосесија. 

„Вечност ( Eternity)“ е колекција инспирирана од Златните  маски од Требеништа, сами по себе толку многу софистицирани и впечатливи, а сепак толку многу мистични.

„Златните маски претставуваат наше национално богатство и како такво сметав дека не се доволно испромовирани, дека кон нив треба да се однесуваме со поголема почит и дека треба повеќе да се зборува за истите. Токму поради овие причини и нивната мистичност ми беа крајно инспиративни. Истражувајќи ги навлегов во нивната симболика, како тоа дека тие претставуваат заштита за задгробниот, вечниот живот но и дека орнаментиката која вешто е направена преку  релјефното изразување всушност се безконечни спирали и меандри и токму поради тоа колекцијата на нареков вечност“, вели Насеска.

Иако маските биле користени повеќе кај мажите, таа во нејзината колекција ги употребила токму на спротивниот пол, а целата ја посветила на жената како нежно  битие на кое му е потребна заштита, но и тоа дека иако нежни жените се моќни силни и воинствени за да бидат водичи во општеството.

„Па токму поради оваа замисла се наметна идејата да бидат изведени како корсети оклопи кои некогаш ги носеле Амазонките, објаснува дизајнерката.

Според Насеска, секоја добра колекција заслужува да биде крунисана со една убава фотосесија, која доаѓа како јагода на шлагот.

„За модниот едиторијал да го постигне светското ниво на квалитет беше задолжен нашиот најпознат, екстремно талентиран, интернационален моден фотограф Стефан Соколовски кој веднаш ми ја разбра идејата и ја реализираше во најдобро модно светло и со гордост можам да се пофалам со резултатите, кои во моментов вашите читатели имаат можност да ги видат“, вели дизајнерката.

Пред објективот застанаа двете манекенки од модната агенција Макс Моделс, Анастасија Таушанова и Јагмур Бас. За шминката се погрижи визажистката Сања Ивановска од студио Бленд. (Л.С.)