МНР бара објаснување од албанската амбасада, Гаши од Тирана за „црната листа“ за ВЛЕН


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на Собранието Африм Гаши бара одговор од Албанија, а во МНР се очекува да биде повикан албанскиот амбасадор во Македонија, Денион Мејдани, дознава „Слободен печат“ од високи функционери од власта, откако вчера, на пратениците Беким Ќоку и Аднан Азизи, како и на заменик-генералниот секретар на Владата, Хасим Муртезани, им бил забранет влез во Албанија.
Од Вреди, партијата чии пратеници еден час биле задржани на граничниот премин Ќафасан, иако имале дипломатски пасоши, информираа дека очекуваат официјална Тирана да објасни зошто се задржани функционерите и дали за нив има забрана за влез во Албанија.Гаши, реагираше на информациите за задржувањето на пратеници на граничниот премин Ќафасан и бара целосно и транспарентно објаснување од надлежните органи.

-Како претседател на Собранието, изразувам загриженост во врска со информациите за постапувањето кон пратениците на Собранието на Република Северна Македонија на граничниот премин Ќафасан. Пратениците се избрани претставници на граѓаните и носители на уставен мандат. Поради тоа, секое постапување што го засега нивниот авторитет и нивната функција треба да биде во согласност со највисоките стандарди на почит и достоинство што им припаѓаат на избраните претставници на народот. Имајќи ги предвид традиционално добрососедските, а пред сѐ братските односи меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, верувам и очекувам целосно и транспарентно разјаснување, кое ќе придонесе не само за целосно утврдување на околностите на овој случај, туку и за зачувување на меѓусебната доверба, институционалната почит и духот на соработка што треба да ги карактеризира нашите односи – вели Гаши.

Се очекува Мејдани да биде повикан во МНР за да ја објасни ситуацијата и причините поради кои пратениците и заменик-генералниот секретар на Владата биле задржани на граничниот премин, а од наша страна ќе биде изразена загриженост поради настанатата ситуација. Од МНР соопштија дека денеска во Министерството, на нивно барање, била остварена средба со претставник од Амбасадата на Република Албанија.

„Во духот на пријателските односи меѓу двете земји, соседи и НАТО сојузници, на средбата беше побарана официјална информација од албанските власти во врска со настанот што се случи на граничниот премин Ќафасан, кога на државјани од нашата земја, не им бил дозволен влез во Република Албанија“, се вели во соопштението.

Албанскиот портал „ma shqip.com“ пишува дека проблем не биле пратениците, туку лицето што ги придружувало. За порталот, од граничната и миграциската служба велат дека функционерите патувале со уште едно лице, кое имало проблеми со документацијата и не ги исполнувало условите за влез на територијата на Албанија, односно имало забрана за влез во земјата. Друг албански медиум шпекулира со бројка од 60 лица на „црната листа“ на Тирана, кои премиерот Еди Рама ги опишал како „платеници“ од Македонија што биле вклучени на некој начин во протестите во Албанија.  За Рама ВЛЕН се привезок на Курти со кој тој има политички разидувања. 

Извори во Вреди, пак, брифираат дека имале сознанија оти Албанија ставила десетици лица од Македонија на „црна листа“ поради сомнежи за учество на протестот на 4 јули во Тирана. Од таму додаваат дека нивни активисти веќе биле задржувани на граничните премини или им бил забранет влез во Албанија.

– Причините зошто тоа навистина се случи се голем апсурд. Многу сериозен удар за Албанците, а не за нас како поединци. Четворица дипломати со дипломатски пасоши се задржани повеќе од еден час, и тоа е многу сериозно искуство, бидејќи ние сме Албанци, нашата татковина е Албанија и за таа Албанија сме придонеле – рече Азизи.