Многу функционери на Кремљ сакале да поднесат оставки – но не можат
Многу високи функционери и вработени во државните корпорации не знаеле за плановите на Путин за целосен напад на Украина - и затоа не очекувале такви остри санкции од Западот
Две недели од руската инвазија на Украина, бомбардирањето на цивилите и масивните санкции на Западот предизвика неверување во голем дел од руското општество. Иако поради екстремно строгата цензура малку се знае што се случува во владините и други ешалони, забранетата од Кремљ веб-страница „Медуза“ се обиде да открие дали врвните руски функционери биле подготвени за ваков вид војна, дали воопшто знаеле дека ќе дојде до масивна инвазија и какви биле предвидувањата за големината на западните санкции. „Медуза“ разговараше со извори внатре во администрацијата и еве го нејзиниот ивештај:
„Според извори на ‘Медуза’, околу четвртина од највисокиот персонал на Русија размислувале да поднесат оставка по почетокот на војната во Украина. Повеќето беа ‘проактивни професионалци запознаени со најдобрите практики во деловниот и менаџмент сектор’, рече изворот, човек близок до руската влада.
Од почетокот на војната, сепак, имаше точно нула оставки од висок профил. Изворот на ‘Медуза’ го објасни тоа вака: ‘Да поднесете оставка во моментов ќе се гледа како обид за бегство. И за тоа, тие ќе те застрелаат’.
Други извори блиски до претседателската администрација нагласија дека многу високи функционери и вработени во државните корпорации не знаеле за плановите на Путин за целосен напад на Украина – и затоа не очекувале такви остри санкции од Западот.
‘Никој не очекуваше вакво нешто. Трениравме за некои стресни сценарија, но ништо на ова ниво. Сметавме на релативно благи санкции’, рече еден извор близок до владата.
Според него, до 24 февруари, и покрај санкциите кои веќе беа воведени, владините претставници и шефовите на регионите можеа да постигнат опипливи резултати во нивниот професионален живот. ‘Секој можеше да ги покаже своите професионални квалитети и внатре и надвор. Ако сакаа, се разбира. [Шефот на ‘Роснефт’, Игор] Сечин не се грижеше дали неговата компанија работи добро или не. Но, [шефот на Сбербанк, Герман] Греф беше горд на својот успех: неговата банка беше успешна според светските стандарди. [Сергеј] Собјанин сериозно ја направи Москва светска престолнина’, рече извор близок до рускиот федерален кабинет.
Како резултат на тоа, според изворите на ‘Медуза’, најфрустрираните луѓе во моментов се оние кои претходно работеле на конкретни цели. ‘Сега никој нема да може да постигне јасен успех во земјата. А што се однесува до надворешниот свет, тоа не е ни прашање. Што и да правиме, животот ќе станува сѐ полош и полош’, вели еден извор.
Во средината на таа реалност, сите значајни кадровски назначувања и промени се исто така замрзнати – и за федералните места и за гувернерите. Извор близок до владата изјави за ‘Медуза’, ‘најважното нешто [за Кремљ] во моментов е секој да биде на своето место; не е време да свириме на музички столчиња’. Според него, државните функционери во моментов смеат да ги менуваат позициите само хоризонтално, а не вертикално.
Сепак, според еден извор, имало планови за големи кадровски промени во 2022 година – вклучително и за министерски позиции. Се зборуваше, на пример, за поранешниот телохранител на Путин и актуелен регионален гувернер на Тула, Алексеј Дјумин, да биде назначен за министер за вонредни ситуации. Позицијата остана непополнета откако министерот Евгениј Зиничев (уште еден од поранешните телохранители на Путин) кој загина во септември 2021 година во арктичката зона во несреќен случај. Александар Чупријан, поранешен заменик на Зиничев, сè уште е в.д.
За кадровските промени се разговараше и во политичкиот блок предводен од Сергеј Кириенко, прв заменик-шеф на претседателската администрација. Меѓутоа, по почетокот на војната кон крајот на февруари 2022 година, политички стратег од Кремљ изјави за ‘Медуза’ дека ‘повеќе не постои барање за технократски пристап кон политиката’ што го проповеда Кириенко; ‘Сега е време за други видови луѓе – ултрапатриотски’“, пишува во својот текст „Медуза“.