ММФ: Србија би можела да остане без 140.000 работни места


Износот што го најави ММФ всушност е колку целата квота која што Македонија ја има во фондот

ММФ предвидува дека повеќе од 140.000 работни места може да бидат затворени во Србија, а стопанствениците ја повикуваат државата да помогне со нов пакет мерки што би вклучил укинување на одредени парафискални давачки за компаниите.

„Одење по тенка жица“ и никогаш поголеми ризици глобалната економија да падне во рецесија со каква светот до сега се нема соочено. Задолжување, јавниот долг што расте во земјите ширум светот, а животниот стандард на граѓаните нагло опаѓа. Отсуство на оптимизам за економската иднина и во предвидувањата на меѓународните финансиски институции – вели ММФ – „состојбата е полоша од очекуваната“, пренесува СЕЕбиз.

Меѓународниот монетарен фонд предупреди дека падот на светската економија поради пандемијата ќе биде поголем отколку што се предвидуваше претходно – поточно за 4,9 проценти оваа година, во споредба со три проценти како што беше претходно предвидено.

Буџетските дефицити ќе се продлабочат, бидејќи владите, според ММФ, досега потрошиле речиси 11 илјади милијарди долари во обид да ги намалат негативните економски последици.

А, прогнозите не се пооптимистични ниту за Србија. ММФ вели дека во наредниот период во Србија може да бидат затворени меѓу 140.000 и 160.000 работни места.

Секторите за производство и услуги се најмногу изложени на ризик. Анализата што неодамна ја спроведе Мрежата за деловна поддршка со бизнисмени, покажува дека 23 отсто од компаниите во производствениот сектор се загрозени, а уште повеќе во услужниот сектор – дури 38 отсто од компаниите едвај се борат за опстанок.

„Очекуваме дека ќе бидат изгубени 40.000 до 50.000 работни места во услужната индустрија. Тоа ќе бидат претежно микро и мали компании – оние со еден, двајца, тројца вработени, особено оние кои работат со странски партнери. Дури и компаниите од ИТ секторот имаат проблеми”, тврди Драгољуб Раиќ, координатор на Мрежата за деловна поддршка.

Прашање е дали оние кои добиле државна помош ќе можат да останат со ист број вработени? Во Здружението на мали и средни претпријатија – загрижени велат: државата треба да разгледа уште неколку олеснувања за претприемачите.

„Србија има 1.005 парафискални давачки – 140 милијарди динари одат по разни основи, без разлика дали се во прашање членарини, задолжителни исплати за агенции, за јавни државни институции… Најбезболно е тоа да се направи веднаш – да се прогласи мораториум за оние кои можат целосно да се укинат, а другите да се сведат на една пристојна мерка“, вели Зоран Вујовиќ од Здружението на мали и средни претпријатија.

„Нереално е да се очекува дека нема да има отпуштања“, вели за Н1 Љубодраг Савиќ, професор на Економскиот факултет.

Пакетот државна помош им помогна на претприемачите „да ја држат главата над вода“, но Савиќ додаде дека државната каса е „потенка“.

„Не би бил изненаден ако државата излезе со некој дополнителен пакет. Но, како и да е, кога немате здрав бизнис, ако не можете самостојно да излезете, шест месеци, на зелена гранка, никаква помош нема да помогне. Државната каса на Србија е прилично ‘тенка’, немаме многу можности, особено не да обезбедиме значителни средства од некои тековни приходи – сè што направивме досега произлезе од задолжувања“, рече Савиќ.

Затоа јавниот долг се зголеми за две милијарди динари, иако дури и со тој раст, тој сè уште е под 60 проценти од БДП. Државата треба да биде повнимателна со парите – предупредуваат економистите – бидејќи за секого следи период на неизвесност.