ММФ ѝ порача на Србија да го ограничи растот на платите и пензиите во 2021 година


Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) процени дека реалниот бруто-домашен производ (БДП) за Србија ќе се намали за три проценти во 2020 година, како и дека властите брзо спровеле добро обмислен пакет мерки за ублажување на последиците од пандемијата, пишува Н1.

Мисијата на ММФ очекува дека во 2021 година растот ќе се забрза на шест отсто, но посочува дека треба да се направи простор за зголемување на јавните инвестиции, а со оглед на буџетските ризици, треба да се ограничи растот на пензиите и платите во јавниот сектор во 2021 година.

Треба да се избегнува ад-хок зголемување на пензиите и еднократни исплати“, смета Мисијата на ММФ, пренесе Н1.

Јавниот долг, кој се намалуваше пред пандемијата, се очекува да се зголеми во 2020 година, но ќе остане под 60 отсто од БДП и ќе продолжи да се движи надолу во 2021 година, се додава во соопштението. Фискалниот пакет, кој вклучува зголемена здравствена потрошувачка, одложување на даночните обврски, субвенции за плати, универзални парични трансфери и државни гаранции за банкарски заеми на малите и средни претпријатија, е еден од најголемите меѓу европските земји во транзиција, се вели во изјавата на ММФ по онлајн состаноците со претставници на српските власти од 24 јуни до 3 јули.

„Народната банка на Србија придонесе во одговор на шокот со намалување на референтната каматна стапка и со инјектирање ликвидност во банкарскиот систем, како и со воведување на тримесечен мораториум за отплата на банкарските кредити и со други мерки за зачувување на монетарната и финансиската стабилност“, се вели во соопштението.

„Спроведувањето на фискалните мерки, заедно со намалените приходи како резултат на пониската економска активност, ќе го зголеми фискалниот дефицит во 2020 година на повеќе од седум проценти од БДП, наспроти 0,5 проценти во првично усвоениот буџет“, велат од мисијата на ММФ.

Според нивните проценки, а со оглед на предвиденото закрепнување на економијата и привремената природа на фискалните мерки, треба да биде можно да се намали фискалниот дефицит на околу два проценти од БДП следната година.

Шефот на Мисијата, Јан Кес Мартејн, изјави дека разговорите со властите биле конструктивни и дека на ниво на тимови е постигнат договор за политиките неопходни за завршување на четвртата ревизија на ПЦИ аранжманот. Договорот треба да биде одобрен од раководството и од Извршниот одбор на ММФ.

ММФ смета дека политиките треба да продолжат да се фокусираат на поддршка на економијата за време на кризата, но истовременио да се зачувува макроекономската и финансиската стабилност, како и со соодветно управување со ризиците и заштита на ранливите групи.

Имплементацијата на структурните реформи е забавена поради пандемијата, така што реформите за зајакнување на даночната администрација, системите за плати и вработување во јавниот сектор, корпоративно управување во јавните компании и развој на српскиот пазар на капитал остануваат клучни, нагласил Мартејн.