Млекото на ладно за да не скисне


Се намалува бројката на говеда и овци, а негативен тренд има и во откупот на млеко. Затоа е важно да се зачува квалитетот на млекото и млечните производи од фарма до трпеза. „Ладниот синџир“ односно чувањето на производите на температура од 2 до 8 степени е еден од факторите на кој сите чинители треба да внимаваат, рече претседателот на Групацијата за производство, откуп и преработка на млеко при Стопанската комора, Ѓорѓи Петрушев.

Одржувањето на млечните производите на ниски температури не треба да биде прекинато ниту во процесот на транспорт, ни во текот на продажбата. Квалитетот на млечните производи често го намалуваат трговците кога ги чуваат производите надвор од ладилниците. Затоа ќе биде спроведена едукативна, промотивна кампања, наменета за сите заинтересирани страни, особено во делот на малопродажбата и крајните потрошувачи.

„Со прекинување на ладниот синџир се крати рокот на траење на производот и се влијае на нивниот квалитет. Затоа наша цел во оваа кампања се трговците, потрошувачите, производните компании и директните производители на млеко“, укажа Петрушев додавајќи дека со непочитувањето на ладниот синџир губат сите – и млекопроизводителите и трговците и крајните потрошувачи.

Како што посочи Илија Георгиев од Агенција за храна и ветеринарство, Агенцијата е во завршна фаза на проектот за категоризација на молзните крави, на одгледувалиштата и целта е да се види фактичката состојба, колкав процент имаме на такви одгледувалишта кои ги исполнуваат првата и втората категорија на квалитет на млеко. Тој нагласи дека потрошувачите во нашата држава консумираат безбедно и квалитетно млеко и производи од млеко.

Агенцијата за храна и ветеринарство е во завршна фаза на проектот за категоризација на одгледувалиштата со молзните крави кој ќе покаже колкав е процентот на одгледувалишта што ги исполнуваат критериумите за прва и втора категорија на млеко.

„Состојбата со квалитетот на млекото во државата е подобрена и се работи на производство на висококвалитетно млеко кое може да се извезува на европските пазари“, рече Илија Георгиев од Агенцијата за храна и ветеринарство појаснувајќи дека кампањата ќе овозможи поголема заштита на потрошувачите.

Лани, во споредба со 2006 година, бројот на говеда бил намален за пет отсто, а бројот на овци е речиси преполовен – во 2006 имало 1.300.000 овци во државата, а сега бројката е под 700.000. Кај откупот на млеко, во 2006 имало околу 166 милиони литри производство на млеко, во 2018 година едвај 106 милиони литри. Од Комората велат дека се намалува бројот на мали семејни фарми со три до пет грла добиток затоа што со ниската продуктивност и со квалитетот не можат да ја издржат конкуренцијата. Се зголемува производството на млеко во големи фарми, чиј број расте и го надоместува тој дефицит.

Од Организацијата на потрошувачи посочуваат дека бројот на поплаки за храна во целина и млечни производи е сведен на минимум, а најчесто се пријавуваат производи со поминат рок.