Младите во Шпанија ќе добиваат по 250 евра месечно за да не живеат со родителите
Младите луѓе во Шпанија би требало да добијат пари за да се иселат од домот на своите родители и да можат да платат кирија на друго место, изјави премиерот на Шпанија, Педро Санчез.
Санчез ја предводи владата на левичарската коалиција и тој предложи на младите на возраст од 18 до 35 години кои заработуваат помалку од 23.725 евра годишно, да им се плаќаат по 250 евра месечно за да им се помогне да платат кирија за стан.
Други предлози, исто така, вклучуваат ограничување на износот на киријата за оние сопственици кои поседуваат повеќе недвижен имот, со цел да им се помогне на ранливите семејства и младите да платат кирија во големите градови.
„Потребни ни се кохезивни и одржливи градови чисти и погодни за еманципација на младите луѓе“, рече Санчез на првиот шпански форум за урбанизација, конференција за домување организирана од Министерството за транспорт, мобилност и урбанизација.
Недвижностите во Шпанија се познати по високите цени, заради што се повеќе млади луѓе се принудени да живеат со своите родители, бидејќи кириите се прескапи, платите се ниски, а стапката на невработеност е висока. Во просек, луѓето во Шпанија го напуштаат домот на своите родители на возраст од 30 години, додека во ЕУ просекот е 26,4 години, пренесува Банкар.ме.
Законот беше предложен во време кога Европејците се соочуваат со растечка криза, од Лондон до Берлин. Овој месец, Берлин гласаше за одземање станови од сопствениците кои имаат многу недвижен имот со цел да се справат со зголемените кирии, потег што може да врати до 240.000 станови на државата.
Законот што го предлага Санчез допрва треба да се објави, и дури тогаш за тоа ќе одлучат претставниците во парламентот.