Овој навидум „вонземски“ водоземец навистина постои – Македонскиот мрморец (Triturus macedonicus) е балкански ендемит кој живее и во Преспа. Всушност, тој претставува еден од највпечатливите, но и најранливите жители на овој регион.
Затоа, веќе неколку години ја следиме неговата популација во соработка со Националниот парк „Галичица“ и со вклучување на студенти од Природно-математичкиот факултет во Скопје преку Програмата за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“.
Како изгледа тоа на терен? Со специјални мрежи, внимателно ги фаќаме и броиме единките, ги утврдуваме нивните пол и возраст, и ја бележиме нивната уникатна шара на долниот дел од телото – како природен „отпечаток“ што ни помага да ги препознаеме и во иднина.
Притоа, мрморците зависат од чисти и мирни водни живеалишта како локви и мочуришта, опкружени со влажни шуми и ливади. Загадувањето, уништувањето на живеалиштата и климатските промени директно го загрозуваат нивниот опстанок. Со мониторинг и истражување на нивната популација, создаваме основа за конкретни конзервациски мерки – не само за мрморците, туку и за целиот биодиверзитет во Преспа.
Нашите активности за истражување на биолошката разновидност во Преспа се поддржани со проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија (ЕУ) во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ). Партнери во имплементацијата на проектот се Македонско еколошко друштво, Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) од Република Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA) од Република Албанија. Имплементацијата на проектните активности е поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Националниот парк „Пелистер“.