Млади риби ги скараа Косово и Македонија


Косово ѝ се закани на Македонија со трговска војна додека ресорниот министер е на одмор. Косовската страна најави дека за забранетиот увоз на икри и млади риби во Македонија ќе одговори со царини на македонскиот извоз. Проблемите меѓу двете пријателски земји ќе се решаваат, но постодморски.

Иако проблемот датира од јуни, ескалираше деновиве, а во четвртокот в.д. министерот за трговија и индустрија на Косово Ендрит Шаља испратил писмо до македонскиот колега, со барање да се отстрани извозната бариера или и косовската страна реципрочно ќе реагира.

„Испративме писмо до министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши и го замоливме што е можно поскоро да се отстранат бариерите наметнати на косовските производи. Инаку, ќе ги разгледаме мерките за реципроцитет за сите производи на Северна Македонија кои се извезуваат во Косово“, изјавил Шаља, пренесоа косовски медиуми.

Во писмото, министерот Шаља ја изразил загриженоста на косовската деловна заедница поради забраната за извоз на риба од Косово во Македонија. „Одлуката стапи во сила на 1.6.2019 година и со неа се забранува увоз на жива риба наменета за одгледување или пополнување езерца со мали риби со потекло од Република Косово. Покрај тоа, се наметна данок од околу 700 евра за секој влез на камиони со риби во Северна Македонија“, се вели во писмото. „Дозволете ми да ја истакнам важноста од водење трговија без бариера меѓу нашите две држави и обврските што ги имаат двете држави според Договорот за ЦЕФТА… Чекаме властите на Северна Македонија да ги отстранат овие трговски бариери. Во спротивно ќе бидеме присилени да реагираме, каде што како одговор ќе биде истиот третман на северномакедонските производи што влегуваат на пазарот на Република Косово“, напишал косовскиот министер.

Македонската страна објаснува дека забраната се однесува само за увоз на порибителен материјал и не важи само за Косово, туку и за сите држави кои немаат спроведено мониторинг и немаат гаранција дека материјалот што ќе се внесе кај нас е здравствено исправен.

„Постапувајќи согласно со правилата на ЦЕФТА, Република Северна Македонија уште во месец јуни на редовните состаноци на ЦЕФТА, како и со соопштение на Агенцијата за храна и ветеринарство, ја извести косовската страна дека новите законски прописи се донесени согласно со Европската регулатива. Агенцијата е лиценцирано тело согласно со европските стандарди и ги применува неселективно при увозот на производи во РСМ. Наведената регулатива е усогласена со регулативата на Европската комисија бр.206/2010 од 12 март 2010. Ова е согласно и со Спогодбата за санитарни и фитосанитарни мерки на СТО каде што земјата е членка од 2003 година. Согласно со оваа регулатива, Косово не е наведено за дозволен увоз на аквакултура и соодветно на тоа ова е транспонирано и во нашата легислатива. Неприменување на овие прописи би довело до негативни ефекти врз статутот на земјата во однос на пристапните преговори“, соопшти Министерството за економија.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски вчера изјави дека од Косово влегува свежа риба што веднаш се дистрибуира во маркети и во рибарници, но забрана има за порибителниот материјал, односно за икра и млади риби. Тој посочи дека веќе има комуникација меѓу претставниците на АХВ и косовските власти и посочи дека нема да има проблем за увоз на порибителен материјал од соседната земја, доколку направат мониторинг на сето она што го произведуваат.

За заканите за реципроцитет од косовска страна и забрана за увоз на производи од земјава, Димковски рече дека верува оти не е нешто што не може да се надмине.

„Сме имале и поголеми проблеми во минатото кога на една листа имаше 25 производи. Верувам дека со дијалог сè ќе се надмине, но треба да се има на ум и ставот на АХВ дека мора да внимаваме при увоз на живи животни, во овој случај икри и мали риби, тие да бидат докажани и здравствено исправни за да немаме проблеми кај нас“, смета Димковски.

(А.С.)