Мјузиклот „Као какао“ премиерно на 2 и 3 јуни во МНТ


Фото: Б. Грданоски

Оригиналниот македонски мјузикл „Као Какао“ ќе биде премиерно изведен на 2 и 3 јуни во Македонскиот народен театар, во 20:30 часот.

„Као Какао“ е мјузикл инспириран од музиката на Влатко Стефановски, автор чиј звук со децении е дел од музичката меморија на публиката. Во претставата се вклучени избрани композиции, кои добиваат нов живот преку аранжмани подготвени специјално за оваа продукција.

Фото: Б. Грданоски

Станува збор за мелодрамска љубовна приказна сместена во седумдесеттите години, каде што љубовта и амбицијата се судираат со ограничувањата на времето. Во обидот да успеат и да останат свои, младите ликови се соочуваат со притисоците на средината, стереотипите и сопствените стравови. Музиката на Влатко Стефановски е вградена во самата драматургија – таа не ја следи приказната, туку ја движи, ја носи емоцијата и ги отвора внатрешните светови на ликовите. Преку новите аранжмани, познатите композиции стануваат дел од сценскиот јазик, создавајќи силна врска меѓу личната приказна и духот на времето.

Продуцент на проектот е „Баги комуникации“, во копродукција со Македонскиот народен театар.

Текстот е на Венко Андоновски, а режијата е на Дејан Пројковски. Аранжманите ги потпишува Бобан Мирковски, кореографијата е на Олга Панго, а сценографијата на Валентин Светозарев. Костимографијата е на Марија Пупучевска, додека вокален ментор е Ана Костадиновска. Асистент кореограф е Ирена Лозинска, а асистент костимограф Марија Ѓоргиевска.

Фото: Б. Грданоски

Во мјузиклот настапуваат: Катерина Јовановиќ, Владимир Петровиќ, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Јордан Симонов, Рубенс Муратовски, Тања Кочовска, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Григор Јовановски, Стефан Спасов, Антонио Ташковски, Наталија Теодосиева, Денис Абдула, Јована Спасиќ, Димитар Паскоски, Илин Јовановски, Тодор Стојковски, Бранко Михајловски, Ѓорге Нешковиќ, Анастасија Трајковска, Јована Миладинова, Анастасија Митровска и Леонида Гулевска.

Проектот „Као Какао“ е реализиран со поддршка на повеќе општествено одговорни комапнии како и на Министерството за култура и туризам.