Митинг на Вучиќ во Белград пред 100.000 граѓани


Со извиците „Ацо Србине“ заврши синоќ големиот митинг во Белград на српскиот претседател Александар Вучиќ. Според проценките над 100.000 граѓани од цела Србија, пренесени со 3000 автобуси се слеаа вечерва во Белград, кој беше целосно блокиран.

На митингот говореа председавачот на Претседателството на БиХ Милорад Додик, премерката Ана Брнабиќ, министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ и шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто и потполковник Драгутин Димчевски, кој е преставен како „херој од борбите на Кошаре“ во 1999 година на Косово.

На централно место беше говорот на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој ги повика граѓаните од цела Србија да се обединат околу сите важни прашања за државата и народот, бидејќи единството, како што кажа, и борбата за српските интереси, особено во Косово и во целиот регион, е од суштинска важност за посилна и економски стабилна Србија.

Тој ги коментираше и притисоците од Запад во решавањето на косовското прашање.

-Мојот одговор, нашиот одговор, одговорот на единствена Србија, без оглед на тоа што нема да биде лесно, е дека ништо нема да направиме…. не е нормално да се воведат такси за стоки во 21-от век и да се закануваат, да вршат притисок. Србија рече-повлечете ги таксите, ќе разговараме-кажа Вучиќ.

-Без вас, во следните неколку дена не би можел да излезем пред претседателите Си (Џинпинг), (Владимир) Путин, и премиерите (Ангела) Меркел и (Емануел) Макрон, рече српскиот претседател.

Тој оцени дека мора да се почитуваат сите останати во регионот. „Затоа мораме покрај најдобрите односи со Унгарија, Романија, Бугарија и Грција, да градиме подобри односи и со Црна Гора, Северна Македонија и Хрватска“, истакна.

Вучиќ порача и дека треба со опозицијата и со оние кои поинаку мислат да се седне и да се разговара за она за што можат да се согласат, но насилието и ултиматумите нема да поминат.

Според шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ, кој е коалиционен партнер на Српската напредна странка (СНС), собирот е порака за сите соседи и во светот да не помислат дека Србија е неединствена и дека “нема предавање без оглед на притисоците”.

Дачиќ рече дека претставниците на опозицијата “Ѓилас, Јеремиќ, Обрадовиќ, Лутовац ги имаат западните медиуми, поддршката на западните земји, но само едно немаат, а тоа е народот”, и дека српскиот претседател Александар Вучиќ ги штити со тоа што не ги распишува изборите, повикувајќи го да распише избори.

Денес во Белград повторно се одржува митинг, исто така пред Собранието, овојпат во организација на српската опозиција.