Митева: Црвениот крст им префрли по 150.000 денари на сите семејства со пациенти во странство


Нема потреба од формирање посебни фондови, од повикување на граѓаните да донираат директно на семејствата кои имаат пациенти во странски држави, затоа што државата им плаќа сѐ, вели портпаролката на Владата, Марија Митева. 

Дополнително, веќе се знае дека лекувањето на пациентите во сите држави кои ги презедоа е на сметка на Европската унија преку механизмот кој беше покренат по барање на нашата Влада.  

– Како Влада будно ја следиме и состојбата на социјалните мрежи каде најпрво морам да кажам дека сочувството, емпатијата, силната и искрена желба да се помогне е разбирлива, дека е повеќе од оправдана и дека се разбира за огромна почит, но во определени моменти мораме како Влада да апелираме и замолиме да не се шпекулира со информации дека на семејствата и пациентите им е потребна финансиска поддршка за лекување затоа што тоа не е вистина, на сите пациенти лекувањето им е и ќе им биде обезбедено од страна на државата – рече митева денеска на прес-конференција.

„Во овие моменти грижа од таков аспект не им е потребна и ќе направиме сѐ што е во наша моќ да помогнеме во делот на здравствената нега која им е потребна – додаде таа и им се заблагодари на сите  граѓани, на секој поединец, особено на волонтерите од Црвен крст и сите останати за несебичната помош и поддршка која ја даваат во овие најтешки денови.

Во делот на транспортот и сместувањето, Митева информира дека и тоа е обврска и грижа на Владата.

Денешниот пресек вели дека  згрижени се 180 лица од семејствата на повредените кои се хоспитализирани во странство.

– Црвениот крст прави формално правно усогласување и проценка преку која на сите семејствата кои се погодени од ужасната трагедија за почеток ќе им биде дадена финансиска поддршка во висина од 150.000 денари на секое семејство и истите средства ќе им бидат на располагање за покривање на тековни, дневни, најитни трошоци. Се разбира, ова не е само еднократна помош, екипите на Црвениот крст, СОЗР и Владата контактираат со семејствата на секои 3 часа со цел да се осигураме дека нема нови несакани состојби кои настануваат и се разбира и во идни фази континуирано во зависност од сите поединечните потреби сите средства ќе бидат насочени кон нив. Правиме сѐ што можеме за да помогнеме и олесниме во овие тешки времиња – рече Митева.