Мистификацијата на датумот


ЗДРАВКО САВЕСКИ

Датумот. Датумот. ДАТУМОТ! Во исчекување сме дали ќе го добиеме тој светол, па и свет Датум кој наводно ширум ќе ни ја отвори вратата – кон благосостојбата на Западот, која ние, наводно, ја заслужуваме. Дали ќе ни упали среќата? Зашто, нели, ние нашето го сработивме. Секој ЕУ дипломат тоа куртоазно ни го соопштува. Па мора да е така и никако поинаку.

Власта се надева на Датумот. Либералната „елита“ професори и невладини активисти се надева на Датумот. Целиот народ се надева на Датумот. Ајде, Европо, пушти срце! Ние парче од Европа сме, од вистината не бегајте! – како што своевремено преку песна порача Тоше Проески.

Јасно е зошто власта се надева на добивањето датум за почеток на преговорите. Таа ќе си го припише тоа како своја заслуга, како непобитен доказ дека добро владее. И покрај корупциските скандали што непрекинато ја тресат. И покрај тоа што нејзиното владеење е исто како она на Груевски и што нејзините полтрони, ако некој друг вака владееше, ниту за момент нема да се двоумеа да го етикетираат тоа како „режим“. Со милоста добиена од горе, власта на Заев постојано ќе мавта убедувајќи ги граѓаните дека она што тие го гледаат со своите очи е неточно и дека Европејците подобро знаат од нив во каква земја живеат.

Трагикомично е зошто либералната интелектуална „елита“ се надева на добивањето датум. Тие силни поборници за демократија премногу си поверуваа на сопствената пропаганда дека ќе настане коперникански пресврт ако наместо Груевски на фотелјата седне Заев. И сега кога гледаат дека од сето тоа нема ништо, дека СДСМ „не извлекол поуки од десетте години поминати во опозиција“, јавно ја воспеваат власта, но приватно – не го кријат разочарувањето. Ама, не се даваат! Наместо илузијата за некорумпираниот СДСМ, ја имаат светлата ѕвезда пред себе – Европската Унија! Европската Унија не може да нè разочара! Ако ние не сме способни самите да воспоставиме демократија, кога ќе нè стегнат Европејците, конечно и ние ќе застанеме на здрави нозе. И колку почесто меѓусебно си го кажуваат ова, овие интелектуалци од либералното милје, постојани гости на провладините медиуми, си ја репродуцираат надежта. Одбивајќи да им ги соопштат фактите на граѓаните, па дури и повеќе, одбивајќи самите да се запознаат со фактите.

Едноставно, жално е зошто народот се надева на добивањето датум. Исцрпен е од секојдневната борба за живот кој ќе биде барем малку пристоен и достоен. Емотивно е потрошен од полагањето празни надежи во сите политичари што му продефилираа пред очите во претходните 30 години, грлато најавувајќи промени пред изборите за после да испаднат исти ѓубриња како претходните. А зарем многу бара? Пристоен живот. Многу ли е тоа? И под влијание на празните надежи, во кои е воспитан да верува, како и под влијание на пропагандата на оние силни професори-доктори од либералната „елита“ кои им парадираат по телевизорите, компјутерите и весниците, се надева дека конечно ќе тргне работата, штом добиеме датум.

Да не се разбереме погрешно. И јас го поддржувам добивањето на датумот и се надевам дека Македонија што побрзо ќе стане членка на ЕУ. Ако може тоа веќе следната година, прекрасно! Но јас не го поддржувам зачленувањето во ЕУ, зашто мислам дека тоа неизбежно ќе донесе подобрување на демократските стандарди во земјата и подигнување на животниот стандард на обичниот граѓанин. Како и во другите земји членки на ЕУ, тоа зависи од самите граѓани, од тоа колку самите ќе се потрудат во борбата против сопствената владејачка класа, а не од фактот на членување во ЕУ. А сепак, има две големи придобивки од зачленувањето во ЕУ. Првата е разбивањето на илузиите. Штом некоја земја од бившиот Источен блок станала членка на ЕУ, ако граѓаните самите не се потрудиле да биде поинаку, тие набрзо сфатиле дека прикаските околу ЕУ биле – само прикаски, а проблемите со кои претходно се соочувале – продолжиле. Нас ни треба конечно разбивање на митовите за ЕУ, а за тоа немоќни се фактите. Мора да се зачлениме во ЕУ за тие митови да се разбијат и конечно, по 30 години, да продолжиме понатаму. Втората придобивка е – пасошот. Ако владејачката врхушка во една земја, со двете наизглед различни партии кои се сменуваат на власт, не покажува способност да обезбеди пристоен живот за граѓаните, тогаш барем нека обезбеди ефикасен начин да им го олесни иселувањето на граѓаните!

Добивањето датум за преговори е само евтин пи-ар. Далеку од тоа да има некоја боготворна моќ, тоа само ја одржува опојната моќ на наративот на добрите вести. Овој наратив е многу важен за да се репродуцира илузијата дека се чекори напред, да се пацифицираат луѓето и ништо да не преземат во врска со своите животи, напразно надевајќи се дека „големите“ тоа ќе го направат за нив. Затоа, согласно наративот на добрите вести, е важно да се одржува илузијата дека секој ден сè повеќе напредуваме во секој поглед.

ЕУ многу добро го има разработено наративот на добрите вести. За да ги држи земјите на својата периферија пред својот трем, но не и внатре, таа разработи цел систем на „попатни станици“ на патот до зачленувањето, кои сами по себе многу малку вредат, но овозможуваат да се потхранува надежта дека, наскоро, ветената земја на ЕУ ќе се отвори пред напатениот народ од земјите во нејзиното блиско соседство. Така, прво го имате договорот за асоцијација и стабилизација. Кога ќе се потпише – радост! Тргна работата! Потоа следува доделувањето кандидатскиот статус! Уште еден наплив радост! Уште малку ќе нè примат! Па после е датумот за почеток на преговорите! Делириум! Штом ќе почнат преговорите, готово, прашање на време е кога ќе се зачлениме! Не умирај, коњу, пред зелена трева! И тогаш следат не две, не три – 35 поглавја! Секое од нив се отвора (посебен чекор) и се затвора (уште еден чекор). А тоа, кога отсуствува политичка волја кај моќниците на ЕУ, може да тече со децении. Во меѓувреме, наративот на добрите вести постојано се обновува. Членството никако да дојде, како Годо се чека, но надежта за членство се подгрева со секоја нова етапа, со секое новоотворено и новозатворено поглавје.

Што значи добивањето датум за почеток на преговорите? Значи дека Македонија ќе биде онаму каде што е Турција од 2005 година, Црна Гора од 2012 и Србија од 2014 година. Ви кажале „експертите“ дека Турција има затворено едно поглавје од процесот на пристапување во ЕУ? И што со тоа? Секому му е јасно дека во догледна иднина Турција нема да стане членка на ЕУ. Мислите дека ситуацијата со Црна Гора и Србија е поразлична? Од 35-те поглавја, Србија за пет години затвори само две, а Црна Гора за седум години затвори само три. Врз основа на кои аргументи Македонија може да очекува поинаков третман? Бидејќи, за разлика од Србија, немала отворени прашања со соседите? Ете, Црна Гора нема никакви проблеми со соседите, а за цели седум години затвори само три од 35-те поглавја. Немањето никакви проблеми со соседите не е никаква гаранција за зачленување во ЕУ, ако отсуствува волјата за тоа кај моќниците во ЕУ. А таа, настрана од куртоазните изјави на ЕУ дипломатите, отсуствува.

ЕУ многу се промени на полошо во последните години. На демократскиот дефицит и политиките во корист на крупниот капитал, го придодаде и затворањето во сопствените граници. Тоа за Македонија и останатите земји од т.н. Западен Балкан значи дека нема да го добијат истиот третман што претходно го добија другите источноевропски земји. Нефер е тоа, но таква е политиката. А што се однесува до светиот датум, не паѓајте толку лесно на пропагандата на врхушката. Ниту неговото подарување ќе значи дека коњот пред умирање конечно дошол до зелената трева ниту, пак, неговото недавање ќе биде некаква белосветска трагедија.