Мистериозни хакери „Робин Худ“ донираат украдени пари


Хакерска група донира украдени пари во добротворни цели што се смета за прво такво нешто направено во кибер криминалот што ги зачудува експертите, јави Би-Би-Си.

Хакери од „дарксајд“ тврдат дека изнудиле милиони долари од компании, но велат дека сега сакаат „да го направат светот подобро место“.

Во објава на дарквеб, бандата објави потврди за донации од 10.000 долари во Биткоини за две добротворни организации.

Една од нив, „Детска Меѓународна организација“ (Children International) вели дека нема да ги задржи парите.

Овој потег се смета за чуден и вознемирувачки, како морално така и правно, наведува Би-Би-Си.

Во блогот објавен на 13 октомври, хакерите тврдат дека напаѓаат само големи профитабилни компании. Напаѓачите ги држат во заложништво ИТ системите на организациите се додека не се плати откуп.

– Сметаме дека е фер дел од парите што компаниите ги платија да одат за добротворни цели … Колку и да мислите дека е лоша нашата работа, ние сме задоволни што знаеме дека помогнавме да се промени нечиј живот. Денеска ги испративме првите донации, напишаа тие.

Кибер криминалците ја објавија донацијата заедно со даночни потврди што ги добиле во замена за 0,88 Биткоин што ги испратиле на две добротворни организации, „Проект вода“ и „Детска меѓународна организација“.

„Children International“ ги поддржува децата, семејствата и заедниците во Индија, на Филипините, во Колумбија, Еквадор, Замбија, Доминиканска Република, Гватемала, Хондурас, Мексико и САД.

Портпарол на Детската меѓународна организација за Би-Би-Си изјави дека „ако донацијата е поврзана со хакер, немаме намера да ја задржиме“.

Претставници на „Проект вода“, кој работи на подобрување на пристапот до чиста вода во субсахарска Африка, не одговори на барањата за коментар.