„Мислам дека е јасно“: Борел за обврската да се усвојат уставните измени

Со измената на уставот ќе се зачува македонскиот идентитет, рече Жозеп Борел. Оливер Вархеи е оптимист дека членството во ЕУ може да биде во 2030


Жозеп Борел, Димитар Ковачевски и Оливер Вархеи на прес-конференцијата (Фото: Б. Грданоски)

 

Ова е клучна година за Македонија во процесот на евроинтеграции порачаа денеска во Скопје високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, по состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација. Тие посебно нагласија дека земјава треба да ги исполни преземените обврски, кои вклучуваат промена на Уставот, но и владеење на правото, судските реформи и битката против корупцијата.

Двајцата порачаа дека ЕУ е подготвена да ја поддржи земјава на европскиот пат, како и дека целта за полноправно членство во ЕУ до 2030 година не е неостварлива, но дека таа пред сѐ зависи од спроведувањето на реформите и брзината со која ќе се реализираат.

Премиерот Димитар Ковачевски, на прес-конференцијата по состанокот со кој претседаваше, рече дека Владата и тој лично ќе вложат максимални напори за успешна реализација на сите потребни активности со цел динамизирање на пристапниот процес во ЕУ, потсетувајќи дека во тој процес е неопходно вклучување на сите чинители во општеството – опозицијата, академската заедница, невладиниот сектор…

„Иднината на Северна Македонија и нејзините граѓани е во рамките на Европската унија и само заедно сме силни да се соочиме на тешката геостратешка околина во која се наоѓаме“, рече Борел.

Во однос на клучниот предизвик кој стои пред Македонија – уставните измени кои се услов за отворање на поглавјата по завршување на скрининг процесот кој што е во тек, пораката од ЕУ е дека тие треба да бидат направени.

„Мислам дека мора да работиме за нештата да се случат“, рече Борел, одговарајќи на новинарско прашање за односот на опозицијата кон уставните измени повторувајќи два пати дека „Северна Македонија се обврза дека ќе го смени својот устав“ и дека во него „ќе ги вклучи граѓаните кои што живеат во границите на државата и кои што се дел од други националности, како што се Бугарите“.

Освен промената на Уставот, мора да има владеење на правото, судски реформи и битка против корупцијата, изјави Жозеп Борел (Фото: Б. Грданоски)

„Ништо тука не е чудно, ако го погледнеме уставот на најмладата членка на ЕУ, Хрватска, таму има најмалку 22 различни заедници кои што живеат во државата“, рече Борел, порачувајќи дека нашата држава дала одличен пример на мултиетничко општество.

„Измената на уставот само понатаму ќе ги унапреди основните права и не се сомневам дека со тоа ќе се зачува македонскиот идентитет, а истовремено ќе се напредне и во процесот на пристапување. Вие не си го загрозувате вашиот идентитет со пристапувањето кон Европската унија, вашиот идентитет ќе биде апсолутно зачуван. Бидејќи луѓето имаат и неколку идентитети, нема да бидете помалку од тоа што сте, поради тоа што ќе станете членка на ЕУ. Мислам дека е многу важно тоа да се нагласи“, рече Борел повторувајќи уште еднаш за понатамошен напредок е неопходно да се исполнат обврските кои што ги презема Северна Македонија.

„Мислам дека е јасно“, рече Борел.

Во однос на уставните измени премиерот Ковачевски посочи дека за прв пат постои ризик земјата одвнатре да запре на евроинтегративниот пат.

„Единствена пречка која за прв пат од постоење на независноста на државата која не може да ја стави никој од надвор, за прв пат може да се случи самите себе да се блокираме, заради неодговорно и неодлучно стратешко однесување на опозициските партии во државата“ , рече Ковачевски.

Ковачевски посочи дека за прв пат постои ризик земјата одвнатре да запре на евроинтегративниот пат (Фото: Б. Грданоски)

Борел во воведното излагање рече дека да се оди напред значи да се продолжи со усвојување и имплементирање реформи коишто воведуваат европски стандарди и коишто носат конкретни политички и економски поволности за луѓето тука. Тој нагласи дека одењето напред подразбира и подобрување на односите со соседите, во кој пакет спаѓа и да се создадат услови за усвојување на уставните измени.

„Оваа година е клучна по договорот од јули минатата година, кога земјава ја доби најдобрата зделка што можеше да ја добиете“, рече Борел, додавајќи дека не е реално да се очекува повторно отворање и преговарање за Преговарачката рамка. „Врз нејзина основа вашата иднина е во ЕУ. Сега е време сите политички партии да си ги преземат своите обврски и искрено да работат на продолжување на оваа патека“, додаде Борел.

Ова е 16. по ред состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу Европската унија и Северна Македонија и прв кој што се одржува во Скопје, што за нашата влада претставува извонредно признание за досега постигнатото во делот на евроинтеграција. Инаку, Советот за стабилизација и асоцијација е основата на односите коишто ЕУ ги има со земјите кандидати за членство. Состанокот се случува откако лани во јули Македонија ги отвори преговорите со ЕУ по 17 години кандидатски статус.

„Денес со европските партнери имавме можност да направиме пресек на состојбите, да го утврдиме направениот прогрес на земјата, како и спроведените реформи во подготовката за нашето членство во Унијата. Можам целосно и одговорно да кажам дека имаме целосна поддршка од ЕУ со недвосмислена посветеност за успех во нашиот следен исчекор во процесот на европските интеграции за динамичен преговарачки процес и за полноправно членство во ЕУ“, рече Ковачевски.

Тој рече дека на состанокот бил поздравен силниот фокус кон реформите и усогласувањето на законите и праксите со европските стандарди, како и дека биле поздравени политиките на добрососедство кои што се водат „преку зрел и одговорен пристап базиран на меѓусебно почитување и дијалог со отфрлување на популизмот како штетен на овие искрени намери и провоциран од трети страни кои немаат добри намери за европерспективите на Западен Балкан“.

„Јас и сите ние во Владата веруваме дека Северна Македонија во моментов има политички капацитети кои што можат да придонесат по успешно завршениот скрининг процес во ноември со динамично темпо да влеземе во преговарачкиот процес и во 2030 година да станеме земја – членка на ЕУ. Имаме уверување од ЕУ дека ќе го интензивира својот ангажман на сите нивоа за поддршка на политичката, економската и социјалната трансформација на Северна Македонија“, рече Ковачевски.

(Фото: Б. Грданоски)

Тој нагласи дека Владата заедно со европските партнери е подготвена да работи на унапредување на социјалните и економските реформи и на опиплив напредок во владеењето на правото, додавајќи дека клучни се поглавјата 23 – Судство и фундаментални права и 24 – Правда, слобода и безбедност.

„Се согласивме дека во делот на правото мора да има независност, професионалност, транспарентност и непристрасност на судските авторитети и затоа заеднички ги охрабруваме правосудните органи за видлив напредок на овој план што е очекување и потреба пред се на граѓаните на нашата држава“, рече Ковачевски.

Тој се осврна и целосната усогласеност на земјава со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ што добило високи оцени од страна на претставниците на ЕУ во контекст на сегашните геополитички околности и руската воена агресија на Украина. Високи оцени добило и претседавањето со ОБСЕ, со што Северна Македонија активно придонесува за мирот и стабилноста во предизвикувачкиот глобален контекст, а потврда за тоа се и утрешните преговорите помеѓу Србија и Косово во Охрид. Исто така бил поздравен и склучениот договор со Фронтекс, при што Ковачевски потсети дека е прв договор потпишан на македонски јазик и на сите други јазици на ЕУ.

Напредокот на Македонија кон ЕУ има на земјава ѝ донесе и значајна финансиска поддршка, како 80 милиони евра неповратни финансиски средства, 100 милиони евра макрофинансиска помош со поволна каматна стапка и над 50 милиони евра помош за инвестиции во инфраструктурата, додаде Ковачевски.

Еврокомесарот Вархеи одговарајќи на прашање на новинарите дали го дели оптимизмот на Владата за 2030 година како датум до кога земјата би можела да пристапи во ЕУ, рече оптимизмот е дел од описот на работното место.

Оливер Вархеи е „апсолутен оптимист“ дека 2030 е достижна цел (Фото: Б Грданоски)

„Одговорот е да. Апсолутно сум оптимист. Кажавте 2030 година, тоа јас не можам да го кажам, може да биде порано, може да биде подоцна. Сѐ зависи од испораката на реформите од страна на Северна Македонија. Ние од наша страна сметам дека дадовме многу јасни и силни сигнали, ако ги погледнете дискусиите на нашите шефови на влади и држави изминатите години ќе видите дека проширувањето е приоритет за нашите лидери и за ЕУ“, рече Вархеи.

Неговата порака беше дека доколку Северна Македонија испорача и ги исполни условите за влез во ЕУ, ќе има позитивни одлуки од страна на ЕУ.

„Тоа што го симболизира овој состанок е дека Северна Македонија ќе стане земја-членка на ЕУ“, рече Вархеи.

На прес-конференцијата беше нагласена и конкретната поддршка во процесот на пристапување. Борел најави 9 милиони евра од инструментот за мир за надградување на опремата на вооружените сили, како дел од зголемување на заштитата во критична инфраструктура, а европските дипломати потсетија и поддршката од 72 милиони евра за најранливите категории граѓани погодени од енергетската криза, како и други грантови кои земјава ги доби во рамките на економскиот инвестициски план.

На состанокот се разговарало за прашања од значење на Процесот за стабилизација и асоцијација, како што се усогласувањето со европското законодавство, билатералните односи во рамки на ССА и за актуелни прашања за политичкиот контекст во регионот и во Европа.
Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) која што стапи во сила на 1 април 2004 година, ја претставува рамката за спроведување на договорните односи, сѐ до приемот на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Борел и Вархеи во Скопје допатуваа од Тирана каде што вчера беше одржан 12. состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Албанија, а утре во Охрид, Борел ќе учествува на состанокот од дијалогот Белград – Приштина, каде ќе бидат српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.