Мирјана Најчевска: Извршувањето не смее да биде приватен бизнис


Извршителите бараат да се прогласат за неуставни членови од новиот закон со кои не ќе смеат да наплатуваат долгови од социјалци и други наплати. Реакцијата на извршителите ги активираше борците против „извршувањето како бизнис“ кои бараат системска промена во наплатата на побарувањата. Професорката Мирјана Најчевска, доктор по правни науки, професор и активист за човекови права, вели дека ваков систем може да функционира во држави со традиција на контрола и одговорност, а не во држави со обратна традиција.

Отворена е неформална јавна расправа дали треба да продолжи приватниот систем на извршување или извршителите треба да станат државни службеници и да работат за државна плата?

– Вака како што е поставено извршувањето, многу лесно се овозможува баш оние луѓе што би требало да бидат заштитени во процесот на извршување, а тоа се обичните граѓани, да бидат изложени на најголеми непотребни трошоци и да придонесуваат за богатење на извршителите. Извршувањето, според мене, во држава како нашата, посебно каде што има можност за преголема корупција, би требало да биде под капата на судството или на Министерството за правда. Евентуално, може да се направи хибриден систем во кој извршувањето поврзано со правни лица би било дадено на приватни извршители, но сè она што претставува извршување во однос на физички лица, на граѓани, да биде дел од задолженијата и обврските на самата држава. Така ќе може да дојдат до израз сите заштитни механизми во врска со луѓе кои примаат социјална помош, кои примаат пензии, кои имаат минимална плата и слично, а кои се најчесто на удар на извршувањето.

Каква е улогата на банките во сегашниот систем на извршување?

Во целата оваа работа, посебна улога имаат банките. Според мене, крајно незаконски, неправно се врши блокирање на сметките на граѓаните. Дури и тогаш кога имаат средства на своите сметки, станува збор за многу мали суми, наместо согласно законот тие средства да бидат подигнати од одредена сметка, се врши блокирање на сметките и граѓаните се изложуваат на непотребни трошоци за нивно деблокирање, со што се богатат само банките и тоа крајно незаконски.

Оваа влада дојде со најава дека ќе го направи извршувањето похумано. Беа направени измени на законот, но дали тие ја променија фактичката состојба?

Ништо не променија, заради тоа што упорно се зборува дека извршителите се јавни службеници, но тоа е една од најголемите лаги. Тие не се ниту под законот на јавни службеници ни под законот за административни службеници. Значи, тоа се приватни структури кои најприватно го вршат она што се вика изнудување на долг. И автоматски, единствена цел, мотив им е да заработат што е можно повеќе, како и секој приватник што влегол во одреден бизнис. Во моментот кога извршувањето се префрла од она што претставува извршување на судски одлуки во она што претставува бизнис-сфера, во тој момент се атакува врз граѓаните и всушност многу често слушаме дека овој систем е поефикасен и дека државата е многу задоволна. Но не е работата државата и власта да бидат задоволни туку граѓаните да бидат задоволни. Во случајов токму граѓаните, и тоа токму оние што се статусно и социјално незаштитени, се најизложени на атакот на извршителите.

Држи ли мислењето дека и дел од иселувањето се должи на блокадите поради задолженост?

Не е направено поопстојно истражување за причините поради кои луѓето си заминуваат од државата. Може една од причините да е тоа, но многу често слушам дека една од причините е правната несигурност. Тоа е поврзано и со извршителите, меѓутоа не толку од економски аспект, туку од аспект на немоќ луѓето да ја истераат правдата тогаш кога е на нивна страна, односно да бидат заштитени од незаконското постапување на вакви моќници, какви што се станати извршителите.

Со што може да го поткрепите вашето тврдење дека извршувањето треба да премине под судовите или под Министерството за правда? Зошто да менуваме систем што функционира?

Кога се применува одреден систем, вообичаено се тргнува од она што значи практична спроведливост и практични услови што постојат во одредена држава. Она со што се соочува нашава држава, Република Северна Македонија, е проблемот на контрола. Не може да се контролираат одредени структури на кои им е дадена преголема моќ. Во такви услови, вообичаено, системот за да може да ја воспостави контролата, ги повлекува тие пренесени ингеренции. Во држави каде што постои традиција на контрола на одговорноста, на можност луѓето да бидат заштитени од злоупотребата, таму може да функционира овој систем. Кај нас не само што не постои таква традиција туку постои обратна традиција, на незаштитеност на граѓаните – и од банките, и од приватните претпријатија, и од извршителите. Дали сте слушнале еден единствен случај каде што извршителите блокирале сметка на големо претпријатие или на голема државна структура? Се блокираат сметки само на луѓе кои немаат статус за да можат да се спротивстават. Сè она што претставува големо извршување всушност не се ни допира.

Што покажуваат примерите од Словенија и Шведска?

Тоа се држави кои ја прифатиле синтагмата на вистински социјални држави и кои градат систем што ќе се грижи за граѓаните. Таквите системи вообичаено ги држат под контрола сите служби, јавни структури и слично што им се од полза на граѓаните. Еве, во последно време слушаме многу за јавно-приватно партнерство и слично. Сите искуства во развиениот свет покажуваат дека во моментот кога нешто ќе премине во приватни раце, тоа станува инструмент на профит. Кога е дел од јавна служба и подложи на јавна контрола, тоа е дел од услугите. Искуствата на Словенија и Шведска токму тоа го покажуваат. Извршувањето е систем што може добро да работи доколку го сфатиме како услужна дејност, а не како профитна.

Имате порака до извршната власт?

Многу е важно во моментов да бидат заштитени граѓаните. Имаме капацитет во рамките на судовите или во рамките на Министерството за правда да се вратат извршителите кои треба да ги спроведуваат судските и други одлуки и да воспоставиме таков систем барем во наредните неколку години, што понатаму можеме да го надградуваме, да го развиваме како хибриден систем, но во секој случај свртен кон услугата и заштитата, а не кон остварувањето профит.

Анита Салтировска