Министерството за земјоделство ќе побара да се провери дали има манипулации при откупот


(Фото: Фејсбук Струмица лајв)

Анализите на состојбите со откупот на пиперката, оризовата арпа, вранецот и другите земјоделски производи покажале потреба од поширок институционален одговор, поради што Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во текот на неделава ќе поднесе иницијатива до Комисијата за заштита на конкуренцијата, најави денеска министерот Борче Серафимовски.

Покрај редовните контроли на Државниот инспекторат за земјоделство, Министерството ќе ги активира и останатите законски механизми што му стојат на располагање.

– Врз основа на утврдените факти, во текот на оваа работна недела ќе доставиме образложена иницијатива до Комисијата за заштита на конкуренцијата, која како независен орган ќе оцени дали постои основа за постапување согласно Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи – истакна Серафимовски.

Тој нагласи дека состојбите во откупот нема да се разгледуваат само преку поединечни контроли на откупните пунктови, туку и низ целокупното функционирање на пазарот.

Според министерот, од Комисијата ќе биде побарано да утврди дали постојат индиции за недозволено усогласување меѓу откупувачите, злоупотреба на пазарна моќ или примена на нефер трговски практики кон земјоделските производители.

– Нема однапред да прогласуваме одговорност, но ќе ги мобилизираме сите расположливи институционални капацитети за фактите да бидат независно и стручно проверени – истакна Серафимовски.

Пазарните услови, додаде тој, не смеат да бидат оправдување за непочитување на договорите, нетранспарентна класификација или префрлање на целиот ризик врз земјоделците.

Од друга страна, пак, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши вели дека во моментов Министерството за економија и труд нема сознанија за картелско здружување кај откупувачите на земјоделски производи и го охрабрува ресорниот министер да постапи доколку има такви индиции.

-Доколку има вакви сознанија за картелско здружување при откупот на земјодските производи Комисијата за заштита на конкуренцијата ќе излезе на терен и ќе ги контролира сите здруженија и ќе ги казни во рами на законските можности- изјави Дурмиши во одговор на новинарско прашање по потпишувањето Меморандум за соработка во областа на трудот со Државата Катар.

Посочи дека секој месец Државниот завод за статистика ги објавува податоците за цените на производите, а Пазарната инспекција ги контролира на терен.

– Чекаме овие денови да бидат објавени податоците и да видимеа каква е состојбата со цените во август. Секој квартал и Пазарната инспекција излегува на терен и не известува за цените. Ќе ги споредиме цените и ќе ја известиме јавноста – рече Дурмиши.

Потсети дека во јули имаше инфлација од само 0,1 процент на месечно нивоа а 2,3 проценти на годишно, при што цените на прехранбените производи беа намалени за 1,3 проценти.

-Кога ќе излезат податоците за август од Државниот завод за статистика и од Пазарната инспекција ќе ја известиме јавноста и ако има потреба ќе постапуваме како во минатото и ќе ги употребиме сите механизми кои ги имаме на располагање ако има девијантно однесување или зголемување на цените на прехранбените производи од страна на трговците без економска оправданост- истакна Дурмиши.