Министерството за транспорт и врски негира дека има договор со „Еуровиа“ за Арачиново


Министерството за транспорт и врски најостро реагира на информациите објавени на денешната прес конференција на Реџеп Асани кој во името на партите Демократско движење, Алтернатива и Беса, соопшти за извесен договор со компанијата „Еуровиа“ за реализација на инфраструктурен проект во Арачиново.

-Заради правилно и вистиното информирање на јавноста би сакале да ги демантираме сите информации изнесени на прес конференцијата, од причина што Министерството за транспорт и врски до сега нема спроведено јавна набавка за проект за кој што зборува Реџеп Асани.Во контекст на ова, Министерството за транспорт и врски нема ниту склучено договор со компанијата што Асани ја наведува.

Од тие причини, апелираме претставникот на политичките партии подобро да се информира, да им се извини на граѓаните и да се извини на вработените во Министерството за транспорт и врски за лажните информации. Нема да дозволиме Министерството за транспорт и врски да биде вовлечено во дневно-политички препукувања. Министерството за транспорт и врски е сервис на граѓаните и партнер на општините и во таа насока реализираме капитални проекти со кои ги подобруваме условите за живеење на граѓаните и го поддржуваме урбаниот развој на општините, стои во реакцијата.