Министерката го означи како успех издавањето на еврообврзницата од една милијарда евра


Фото: Б. Грданоски

 

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска го претстави како важен успех на државата што Македонија се задолжи за нови една милијарда евра, кои, како што рече, со меѓу најповолните во регионот и пошироко. И дека дополнително ја зацврстува позицијата на државата како стабилен, кредибилен издавач на меѓународните финансиски пазари.

Успешната аукција, рече министерката, претставува значаен чекор во управувањето со јавните финансии и јасен сигнал за довербата на меѓународните инвеститори во економските политики на Владата. „Министерството донесе одлука задолжувањето да се реализира преку две транши од по 500 милиони евра, со рок на доспевање од 4 и од 8 години. Ваквата структура овозможува оптимално распоредување на обврските во среден и долг рок, како и дополнително намалување на ризиците поврзани со рефинансирање“, рече Димитриеска-Кочоска. 

„Каматните стапки кои ги постигнавме се меѓу најповолните во однос на референтната вредност на Еурибор во последните дваесет години. За траншата со рок од 4 години каматата изнесува 3,875 проценти, а за траншата со рок од 8 години 4,75 проценти. Особено имајќи го предвид актуелното високо ниво на Еурибор, овие услови претставуваат најконкурентна цена на задолжување што државата ја има постигнато во последните две децении“, рече Димитриеска-Кочоска.

Таа наведе дека трошоците за синдикатот на банки и за правните советници се пропорционално најниски досега во споредба со претходните издавања. Дополнително, со цел целиот процес да биде максимално исплатлив и со најмали можни фискални оптоварувања, донесена е одлука паралелно со новата емисија да реализираме и предвремен откуп на еврообврзницата што достасува во јуни 2026 година. Со оваа одлука ќе оствариме заштеди кои во значителен дел ќе ги компензираат трошоците од новото издавање. 

Во 2026 година, вкупните обврски за отплата на домашниот и меѓународниот пазар изнесуваат околу 1,563 милијарди евра, во 2027 година 1,579 милијарди евра, во 2028 година 1,971 милијарди евра.