Минималецот ќе порасне за 50 евра со легализација на доплатите во готово


Големиот скок на минималната плата ќе биде отстапката што работодавачите ѝ ја прават на Владата за добивањето субвенционирани придонеси. Најава дека минималецот може од сегашните 12.507 денари да скокне на 15.000 денари или дури на 15.500, стигна од министерот за економија Крешник Бектеши. И експресно беше дообјаснето дека покачување на минималната плата е предвидено, но висината сè уште не е утврдена бидејќи во тек се консултации со коморите и работодавачите. Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија вели дека се прават последните пресметки, но дека тој износ е прифатлив, иако инсистирале растот да не биде одеднаш, туку во два наврати.

„Тоа е голем скок. Ние инсистиравме зголемувањето да биде дел сега, а дел наредната година, со тоа што, ако се донесе овој закон за замрзнување на придонесите, на таа разлика нема да се плаќаат придонеси“, вели Димитров.

Премиерот Зоран Заев од собраниска говорница викендов кажа дека заедно со ребалансот на буџетот ќе бидат предложени решенија за кои, затоа што Буџетот е ликвиден, може да се одвојат 40 милиони евра. Овие пари ќе бидат за супституирање на придонесите, за да се овозможи пораст на платите.

Тоа значи дека работодавачите, за растот на минималецот меѓу 2.500 и 3.000 денари, ќе платат само 11 проценти персоналец, но не и придонеси.

„Тоа е исто како да сте дале 1.700 денари, а ве чинело 2.500. Затоа што придонесите на нето се околу 48 проценти. И најверојатно и Владата е охрабрена од тоа дека со субвенционирањето, обврската за зголемување на нето платите ќе биде поиздржлива за бизнисот. Се разбира, трудоинтензивните дејности ќе имаат поголеми проблеми, другите компании не би требало да имаат“, објаснува Димитров.

Со растот на минималната плата целта на Владата не е да даде еден гол. По автоматизам расте и просечната плата, а кога најниската скока, повлекува раст и кај другите плати. Истовремено, проценките се дека ослободувањето од придонеси за зголемувањето на платите ќе ги легализира исплатите на дел од платите во готово.

„Зошто? Затоа што наместо да даваат пари во кеш како дополнување на платата на работниците, за да ги мотивираат, да ги задржат, работодавачите не ја даваат целата бруто-плата, зашто вкупно придонесите на бруто-плата изнесуваат 47 отсто заедно со персоналниот данок. Односно, на 20.000 денари нето-плата во државата се плаќаат 9 илјади и 470 денари севкупни давачки, персонален данок, пензиско, здравствено и социјално осигурување. Целта е навистина да ги демотивираме на ваквото давање пари во готово. Со новата мерка што ќе ја предложиме тие ќе платат само 11 проценти персонален данок, а другиот дел, пензиско, здравствено и социјално осигурување, државата ќе го покрие. Вработените ќе добијат повисоки нето-плати и ќе бидат мотивирани да останат на работа. Тоа е мерка која ќе придонесе кон мотивацијата и младите луѓе, и сите други, да останат во државата зашто платите ќе растат“, укажа премиерот Заев.

Според Димитров, најверојатно повисоките плати би требало да ги задржат работниците, но прашање е која компанија би можела да го издржи тоа.

„Тие компании што ќе успеат да постигнат продуктивноста за тој износ ќе останат на пазарот, другите ќе имаат проблем со опстанокот. Ова субвенционирање е најавено дека ќе трае три години и тоа е период во кој компаниите треба да ги вложат сите напори да се зголеми продуктивноста, за да може по завршување на тој период и без субвенции да ги одржат тие плати“, посочува Димитров.

Тој смета дека ако трудоинтензивните дејности не претрпат поголеми напуштања, тогаш мерката ќе биде добра.

„Но има и такви работници што не ги остваруваат нормите, па се дотирани и до платата од 12.500, ни оваа плата не ја заработуваат“ вели Димитров.

Во април годинава минималната плата од 12.165 денари порасна на 12.507 денари. (А.С.)