„Mини Ирина Тошева“ – прв моден бренд за миленици кај нас
ЈП Лајка и македонската модна дизајнерка и огромен љубител на животни, Ирина Тошева потпишаа меморандум за меѓусебна соработка.
Во текот на следните месеци во соработка со Тошева ќе се организираат неколку активности, меѓу кои и моден настан на уникатни парчиња облека и додатоци за миленици изработени од текстилни остатоци и рачни доработки, со што ќе се означи официјалниот почеток на првиот моден бренд за миленици кај нас, насловен како „Mини Ирина Тошева“.

“Во процесот на изработка и транспортот на производите учествуваат маргинализирани лица и лица со ниски животни примања. Целата комуникација со јавноста ќе биде фокусирана на подигнување на свеста за правата и благосостојбата на животните, преку активно вклучување на граѓанските организации и локални шелтери”, вели Ирина.
Во промотивните активности, модели ќе бидат кучињата од прифатилиштето на ЈП Лајка кои ќе ги носат парчињата облека на Ирина. Модните парчиња за миленици ќе бидат достапни за продажба онлајн и во локални пет шопови, а дел од средствата ќе бидат наменети за кучињата во “Лајка”. Планирани се и едукативно-креативни работилници на кои граѓаните и љубителите на кучиња ќе може да земат учество.
Тошева, во јуни, десетте години на македонската модна сцена ги одбележа со иновативен проект и документарец инспирирани од носиите на Јурците во Радовишко – Латици, под покровителство на првата дама Елизабета Ѓорѓиевска.
Тошева веќе е етаблирана со своите ангажирани колекции и модни приказни кои воодушевуваат со оригиналноста. Го најде својот моден пат меѓу потрошувачите, но и организациите и институциите кои знаат да препознаат добра модна идеја, но и успешна реализација.