Минатата година рекордна за туризмот во Грција – земјата ја посетиле речиси 36 милиони туристи


Во 2024 година Грција ја посетиле речиси 36 милиони туристи, бројка што е за 9,8 отсто повисока споредбено со една година претходно, а зголемување има и на приходите од туризмот, со што минатата година е рекордна за грчкиот туризам, согласно податоците од Банката на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Поконкретно, за 12 месеци, бројот на туристи во земјата изнесува 35.951.400, наспроти нешто повеќе од 32.735.200 во истиот период во 2023 година, а приходите за земјата се 21,7 милијарди евра.

Зголемувањето на приходите за 5,4 проценти според Банката на Грција, се должи и на зголемувањето на приходите од жителите на земјите од Европската Унија за 7 отсто и од жителите на другите земји за 0,8 проценти.

Зголемување на приходите има од туристите Германија (за 3,5 отсто), од Италија (за 13,6 проценти) од САД (за 15,1 отсто), додека намалување има од посетителите од Франција (за 11,4 проценти) од Велика Британија (3,7 отсто) и од Русија (за 50,8 проценти).

Во однос на бројот на туристи, пораст има и на бројот на посетители и од земјите на ЕУ (за 11 проценти) и од останатите земји (за 8,1 отсто). 

Патничкиот сообраќај преку аеродромите бил зголемен за 10,7 отсто, а преку копнените гранични премини за 8,9 проценти.