Милановиќ: Владата на Пленковиќ е најкорумпираната хрватска влада


Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ оцени дека Владата на премиерот Андреј Пленковиќ е најкорумпираната хрватска влада досега, објаснувајќи дека критиките се однесуваат „поради небрежност, незнаење и неспособност на нејзините членови“.

– Пленковиќ штити, кондензира и става во сенка и заштита, категорично луѓе кои се едноставно корумпирани. Не можам тоа да го наречам поинаку, изјави Милановиќ во интервју за „РТЛ Данас“.

Како што се наведува, хрватскиот претседател во таа прилика како пример го навел шефот на кабинетот на премиерот Звонимир Фрко Петешиќ, кој „свесно, лажно го пријавил своето живеалиште“.

– Со целосна свест за незаконитост и забрана и казнување на она што го прави, тој ја ужива заштитата на премиерот, истакна Милановиќ.

Тој го повтори и својот став дека хрватското државно обвинителство (ДОРХ) „не постои“ по скандалот со поранешната министерка Габриела Жалац, и повтори дека Хрватска никогаш немала покорумпирана влада, додавајќи дека „овие луѓе го презираат законот“.

Милановиќ уште еднаш нагласи дека нема да ја отстрани ознаката за тајност од своите патувања и рече дека тоа е доверлив податок, бидејќи тој е заштитено лице 24 часа дневно и јавноста не треба да ги знае тие информации.

Неговите оценки привлекоа огромно внимание и кај  странските медиуми, пред се во Германија, поради најавата дека  Република Хрватска ќе ги повлече сите свои војници од контингентот на НАТО во Источна Европа во случај на ескалација на ситуацијата.Агенцијата ДПА ги пренесе клучните изјави на Милановиќ – како онаа дека во актуелниот конфликт треба да се земат предвид руските безбедносни интереси, односно оценката на Милановиќ дека Украина е една од најкорумпираните земји. ДПА јави дека хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ им се извини на Украинците за изјавата на претседателот и додаде дека Хрватска е сигурен партнер во Европската Унија и НАТО и дека ќе ги почитува своите обврски.

Во веста објавена од оваа агенција се вели дека Милановиќ се повеќе се профилира на „популистички позиции“, а за него се пишува како тврдоглав претседател кој се истакнал како критичар на мерките за корона, како поддржувач на националистичките Хрвати во Босна и Херцеговина и со изговори за брутален однос кон бегалците од страна на хрватските полицајци“.