Милановиќ лут: Хрватските навивачи ги третираат во Грција како плевел
Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, изјави дека хрватските навивачи во Грција се заробени како да е војна, дека ги третираат како плевел и оцени дека односот на грчките власти кон нив нема врска со законотм, демократијата и почитувањето на човековите права.
„Тоа не е правна држава! Овие луѓе се третираат како воени заробеници. Да бев премиер, ќе размислував што ќе правам. Не е лесно. Ова е на граница на воениот закон. Тие се третираат како заробена единица“, рече Милановиќ во Јелса, коментирајќи го испраќањето на сите хрватски навивачи во истражни затвори низ Грција. Тој додаде дека за такво можно сценарио зборувал пред неколку дена, плашејќи се дека тоа ќе биде „колективна етичка казна“.
„Можам да навлегувам во причините зошто тоа е направено сега и зошто токму во Грција и што треба Грција да добие од УЕФА и зошто е важно да ја пренесат одговорноста на сто Хрвати. Колку Грци се во притвор?“, праша Милановиќ.
Тој потсети дека на грчките власти – и по пет дена од приведувањето на навивачите без објаснување – не им било доволно да идентификуваат кој е одговорен, туку сите ги ставиле во притвор.
„Имаш пет дена да го одбереш плевелот од една група луѓе, а сите ги ставаш во притвор и ги расфрлаш по цела Грција за да бидат тепани и силувани. Одлично – тоа е ЕУ“, предупреди претседателот Милановиќ.
Би било океј, вели тој, ако пет или десет од нив, од сто, да бидат во строг притвор. Тој посочи и дека ваквиот третман нема никаква врска со владеењето на правото.
„Не можете да држите сто луѓе во притвор пет дена. Тие пет дена ви даваат огромна дискреција да видите што се случило, а потоа тие се луѓе и наши граѓани кои ги имаат своите човекови права“, додаде тој и предупреди дека хрватските навивачи и граѓаните се „третираат како плевел во Грција“.
„Тоа нема никаква врска со демократијата, со почитувањето на човековите права. Ако ова е ЕУ денес, подобро да не постои“, потенцира тој.
Претседателот рече дека би сакал за тоа да зборува и премиерот.
„Само јас треба да бидам тој што ќе ги каже очигледните работи. Ова е најобична суровост“, рече претседателот Милановиќ.
Инаку, грчкиот медиум „Њузит“ пишува дека првите ДНК примероците собрани од облеката и телото на Михалис Кацурис не водат до специфичен генетски код и дека истражителите сега се фокусираат на снимката од нередите пред стадионот на АЕК. Адвокатот на семејството на 29-годишниот Михалис Кацурис, Христос Мавроматис, зборуваше за грчката ЕРТ. Тој рече дека не знае дали убиецот е меѓу 105-те хулигани кои беа уапсени и приведени.
„Се плашам дека ако немаме брзи резултати, одредени резултати, ќе започне дискусија која ќе има провокативна логика, некој ќе се огласи и ќе каже дека сторителот е Хрват, другите ќе кажат дека сторителот е Грк. … Претседателот на Хрватска ќе го каже своето. Грците ќе го кажат своето. Секој ќе ја каже својата приказна. Ризикуваме да влеземе во дебата додека материјалот е нецелосен, додека материјалот не нуди докази“, рече тој.
Мавроматис изрази уверување дека има материјал кој ќе доведе до идентификација на сторителот.
„Мислам дека материјалот постои. Имаме видео, визуелен материјал, имаме биолошки материјал, имаме средства кои евентуално биле користени за извршување на кривични дела. Имаме апсења. Тешко на нас ако во овој случај, каде што имаме се, не го пронајдеме сторителот“, рече тој.
Како што јави грчката ЕРТ, полицијата сега ги проверува снимките и фотографиите на запленетите мобилни телефони на уапсените, обидувајќи се да го идентификува човекот кој го уби Кацурис. Овој медиум пренесува дека властите сега ја идентификувале фигурата на сторителот, но не успеале да го утврдат идентитетот. Изгледа дека мажот има тетоважа на вратот, но досега не успеале да го разберат дизајнот. Започнал и процесот на идентификација на ДНК и генетскиот материјал, како и дамки од крв од доказите што ги собрала грчката полиција со цел да ги пронајде одговорните за убиството на Кацурис. Утре треба да бидат објавени резултатите од споредбата на ДНК на петте главни осомничени и жртвата.
Грчките медиуми јавуваат дека полицијата во истрагата ќе користи специјален софтвер кој ги мери биометриските карактеристики, бидејќи повеќето од сторителите на видеото се облечени во црна облека и нивните лица се целосно покриени. Со помош на овој специјален софтвер може да се измери биометриката на телото на една личност, што ќе помогне во идентификувањето на убиецот на 29-годишниот навивач на АЕК. Полицијата, според грчките медиуми, смета дека убиецот на Михалис би можел да биде кој било од оние кои учествувале во инцидентите.