Мицотакис: Нема да ги ратификуваме меморандумите
„Ратификацијата на трите меморандуми за соработка со Северна Македонија, во рамките на Договорот од Преспа, е императив од национален интерес“, рече вчера по поднесувањето на меморандумите претседателот на пратеничката група на Сириза, Сократис Фамелос.
„Жал ми е што господинот Каселакис ги усвојува најлошите навики на неговиот претходник“, возврати грчкиот премиер Мицотакис коментирајќи го ставот на опозицијата за Договорот од Преспа.
„Ги истакнав проблемите од Договорот од Преспа, бидејќи тој ги утврдува термините „македонски“ и „македонски јазик“. Ја предупредив и новата влада во Скопје со јасна изјава дека секое отстапување од Договорот од Преспа ќе има сериозни последици и во односот со нас и во однос на патот кон Европа. Во однос на меморандумите, СИРИЗА сега бара да ги ратификуваме меморандумите и да го откажеме најосновното оружје што го имаме за почитување и спроведување на договорот. Она што СИРИЗА од нас го бара е чин кој ги достигнува границите на апсурдноста“, рече Мицотакис.
Тој беше дециден дека Грција нема да ги ратификува меморандумите од Договор од Преспа и очекува македонската страна да ги почитува сите негови аспекти.
„Причината поради која претседателката во Скопје го смени ставот е нератификувањето на меморандумите? Бевме оправдани за нашиот избор бидејќи ја видовме опасноста. Нема да ги ратификуваме меморандумите додека не се увериме дека другата страна не ги почитува сите аспекти од Договорот од Преспа“, порача тој.
Во однос на постапката на лидерот на Грчко решение,Кирјакос Велопулос, да го скине Договорот од Преспа на собраниската говорница, рече дека не сака да ги коментира „патриотските испади“ на Велопулос, зошто тој од нив направил кариера и додаде дека „граѓаните разбраа кои се патриоти во тешките, а не во лесните време“.
Инаку трите меморандуми кои произлегоа од Договорот од Преспа и се потпишани од грчкото МНР и МО уште во 2019 година, останаа да се ратификуваат во грчкиот парламент и потоа да се спроведат: Меморандум за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, Меморандум за формирање на Координативен комитет за економска соработка и Техничка спогодба за надгледување на небото.