Мицотакис најави дека следното лето во областа Атика ќе сообраќаат 950 нови автобуси од градскиот превоз


 Во областа Атика, следното лето, во 2025 година ќе има вкупно 950 нови автобуси, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис по неговата посета на седиштето на Организацијата за градски транспорт во Атика, поширокиот регион на Атина, истакнувајќи дека веќе во наредните месеци жителите на конкретната област ќе почнат да ги забележуваат разликите во квалитетот на транспортните услуги, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис, говорејќи за државната телевизија ЕРТ утрово рече дека Владата работи на „обновување и модернизација на возниот парк на градските автобуси“, а рано утрово беа пуштени во сообраќај првите 30 нови автобуси.

-Кога говориме за нови автобуси, зборуваме за автобуси со модерна технологија против загадувањето, зборуваме за автобуси кои се целосно достапни за нашите сограѓани со посебни потреби, зборуваме за автобуси со климатизација, автобуси кои се апсолутно безбедни и кои суштински го надградуваат квалитетот на услугите што ги нудат, истакна Мицотакис.

Во однос на метрото во Солун, објасни дека до крајот на годинава ќе биде пуштено во употреба.