Мицотакис на Санторини, повикува на смиреност
Уште еднаш препорачувам смиреност, да ги слушаме упатствата од цивилната заштита и посакуваме појавата брзо да заврши, а островот целосно да се врати во својот нормален ритам, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Санторини, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис денеска беше во посета на островот и посочи дека „целиот државен механизам е мобилизиран“ и внимателно ги следат упатствата на експертите кои ја советуваат цивилната заштита.
– Ќе продолжиме да ја следиме појавата. Нема ние да правиме какви било научни процени. Ова е работа на други кои го прават тоа и не советуваат, како што беше случај досега. Уште еднаш да ги уверам жителите на Санторини, како и жителите на сите соседни острови кои во моментов поминуваат тежок период, дека државниот механизам е на нивна страна и очигледно дека е многу подобро да се подготвуваме и да спречуваме, отколку отпосле да брзаме за справување, истакна Мицотакис уште еднаш повторувајќи го неговиот апел за смиреност.
Грчкиот премиер на средбите на островот бил информиран за мерките што се имплементирани, како и за планот во случај да биде потребна интервенција, но и за превентивни проверки што се вршат на јавните објекти и за активностите во областите каде што постои зголемена опасност од лизгање на земјиштето.
Дополнително учествуваше и на состанок со локалните власти на островот, на кој меѓу другото рече дека според научниците не постои некакво сценарио за нешто слично како она што се случи во 1956 година на островот Аморгос, кога беше погоден од земјотрес со јачина од 7,7 степен, по што следеше и цунами, но сепак, додаде дека мора да бидат подготвени.
Мицотакис се осврна и на тоа дека Санторини е популарна туристичка дестинација и затоа, како што рече, имаат должност да ја заштитат, да ја зачуваат репутација и да бидат сигурни дека „2025 година исто така ќе биде одлична година за туризмот на Санторини“.
– Затоа, во нашата јавна комуникација, треба да балансираме меѓу потребата да бидеме присутни и да дејствуваме превентивно, без, сепак, истовремено да репродуцираме катастрофални сценарија, кои потенцијално може да исплашат некои посетители. Драго ми е што велите дека засега не постои никаква таква индикација и ќе се бориме да продолжиме по оваа линија, со добра надеж дека појавата ќе стивне и многу брзо ќе можеме да се вратиме во нашата нормалност, рече Мицотакис.