Мицкоски тврди: Граѓаните сакаат избори на крајот на летото или есента

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во „Топ тема“ на Телма вечерва изјави дека сите на лидерската средба кај Претседателот Стево Пендаровски биле вчудоневидени од лиферувањето датуми за избори од страна на првиот човек на СДСМ, Зоран Заев, додека сите останати биле загрижени за здравјето на граѓаните.
Според Мицкоски еминентните профсори кои давале совети како да се одложат во април изборите, сега треба да се викнат повторно да кажат како да се менаџира и сега процесот, и тоа откако претходно ќе се исполнат другите барања што произлегоа од лидерската средба. Без гаранција дека никој нема да биде заразен во кампањата и изборите, Мицкоски нагласи дека нема да се согласи за датум за изборите бидејќи не можел да носи на совест ниту еден умрен.
„Утре кога ќе се отворат границите во светот ние ќе имаме стотици вухани“, рече Мицкоски, прашувајќи дали сме подготвени на таков ризик, потсетувајќи колку краток беше периодот во Кина од првиот случај до епидемијата.
Запрашан колку долго може да тераме со ваква лимбо ситуација, без избори и без парламент, Мицкоски рече дека не би сакал да влеземе во изборен трилер што ќе се претвори во изборен хорор. Место да се оди со иницијативи пред Уставниот суд и да се бара така решение, тој сметаше дека било подобро да седнат и да се усогласат прво партиите околу можниот излез, а вака некои опции се исклучени. Генерално, тој рече дека најдобро решение е сепак да има избори, но во оној момент кога ќе може да биде извесно дека нема да има ризик.
Шансите на следните парламентарни избори да победат СДСМ според него се еднакви на нула, без оглед што тврди Заев. Според него, во нивните анкети крајот на летото или почетокот на есента е периодот што бил најпосакуван за избори од граѓаните. Конкретно запрашан кога тој смета дека треба да има избори – одговори „час поскоро, штом се создадат услови“, посочувајќи на тие што ги поврзува со епидемијата.
Во однос на уредбата за избори која предвидува дека изборните процеси ќе продолжат веднаш кога ќе запре вонредната состојба, Мицкоски место одговор почна да поставува прашања, во стилот – ако има избори зошто министерот за здравство денес повторно предлага вонредна состојба? Според него, ако се е идеално, ако нема страв од заразени, ако доаѓаат набљудувачите на ОДИХР, се утврдува датум според кој ДИК го утврдува календарот за избори.
„Што ќе се случи ако некој од кандидатите на изборите се разболи, или почине некој што се заразил во кампањата?“, запраша Мицкоски, иако нема гаранција и без епидемија некој кандидат на некои избори да не ги дочека гласањето или резултатите.
„Добрососедските односи се двонасочна улица. И од другата страна треба да добиете сигнал дека е добар сосед. Ако добивате уцени и закани, не е. Ние мора да ги почитуваме нашите разлки и она што не поврзува како два соседа. Она што не разидува е нивната чудна политика во последно време. Дали трпението таму исчезнува, сметаат дека е пет до дванаесет, па ајде да ги реализираат историски потреби“, рече Мицкоски нарекувајќи го „империјалистички документ“ тоа што го изгласа бугарскиот парламент.
„Ако ние бидеме двапати подобри овие аргументи нема да им ги купи никој во Европа“, додаде тој.