Мицкоски загрижен за автоиндустријата во Европа, но го радуваат новите инвестици во земјава


Прашан за странските инвестиции, премиерот Христијан Мицкоски денеска одговори дека и годинава ќе има раст на странските инвестиции.

-Верувајте во последните неколку недели имаме голем број на компании кои се заинтересирани да вложуваат во Македонија и во слободните ТИР зони, но и надвор од нив. Навистина јас сум пресреќен што тие препознаа дека оваа Влада води навистина пробизнис политика и сака да поддржува отварање на нови работни места, добро платени работни места. Впрочем и сега работините места мора да се добро платени, бидејќи и конкуренцијата на пазарот на труд е немолисрдна. Но, добро е што имаат доверба и оваа година очекувам висока бројка, изјави Мицкоски.

Премиерот, Мицкоски најави дека една странска инвестиција почнува со работа овој месец, втората почнува со работи во април Штип, а во мај и јуни ќе се ставаат камен темелници и на нови странски инвестиции.

– Така да секој месец ќе има една до две, или пуштање во употреба, или камен темелници на нови инвестиции. Во јуни ставам на „Алказар“ точно инвестицијата, тоа се половина милјарда американски долари инвестиција, со што ќе имаме поголемо производство на електрична енергија, од тоа што го трошиме. Навистина ќе претставува за мене еден голем успех, бидејќи тоа беше една од мите лични цели, да произведуваме повеќе отколку што трошиме електрична енергија. Значи ќе можеме да извезуваме и голем процент од таа енергија ќе биде во обновливите извори, со што ќе го зголемиме и тоа производно портфолио, вели Мицкоски.

Тој додаде дека при крај се законите, коишто ќе се најдат во собраниска процедура, Законот за енергетика, Законот за енергетска ефикасност итн.

-Со што еден од клучните стратешки столбови, за коишто оваа Влада е определена, а тоа е да бидеме регионален хаб, кога станува збор за енергетиката ќе почнат да се исполнуваат, додаде Мицкоски.

Прашан какви мерки преземаат како Влада, за да се задржат странските инвестиции во земјава и дали ги плаши состојбата во автомобилската индустрија во Германија, Мицкоски одговори дека секако како Влада ги загрижува она што се случува во Европа, особено во автомобилската индустрија. Но, она што го радува премиерот Мицкоски е што најголем дел од инвеститорите коишто доаѓаат во земјава и сакаат да отворат свои фабрики се во сосема други сектори.

-Дел од нив се во индустријата, којашто произведува литиумски батерии, дел од нив се вградуваат во автомобилската индустрија, дел се во системи на складирање на енергија, којашто претставува иднина, бидејќи обновливите извори на енергија мора да имаат начин каде ќе ја складираат, за да бидат уште поекономски исплатливи. Но, исто така ќе се обидеме да го дивергираме нашето портфолио во делот на медицинска опрема и уреди, фармацевтската индустрија ни е исто така таргет во периодот што следи, вели Мицкоски.

Претседателот на Владата, Мицкоски вели дека има и компании кои се во земјава и имаат донесено одлука за отварање на нов производен погон, а со којшто ќе извезува од 300 до 350 милиони евра годишно, што е отприлка 2 отсто од нашиот БДП, исто така имаат најави од друг инвеститор за отварање на нов погон во 2026 година.

Тој доаде дека во делот на услугите, во земјава доаѓаат 35.000 германски и британски туристи и тоа надвор од сезоната, а во Охрид секој ден има по 1.000 туристи, а за наредната година планираат оваа бројка да се зголеми.

Инаку, во однос на растот на Бруто домашниот производ (БДП) во четвртиот квартал тој рече дека се првите индикации дека економијата заздравува и  одиме во правилна насока, истакна Мицкоски, кој денеска при посетата на Општина Илиндина одговараше на новинарски прашања.

Тој посочи дека како Влада за помалку од три квартала ја стабилизирале состојбата во државата, што како што вели беше примарна цел, да ја стабилизираат од слободниот пад, а потоа  преку активни политики, домаќински политики, чесно и со добро владеење, да се обезбеди раст на економијата.

-Во третиот квартал ќе ве потсетам таа беше 3 отсто, сега е 3,2 отсто. Очекувам овој тренд да продолжи и во првиот квартал од оваа година, очекувам уште една убава вест кон крајот на неделата и мислам дека стратегијата да ја консолидираме, а потоа да ја придвижиме до точка нула и потоа да ја развиваме, полека но сигурно вродува со плод. Порано од нашите очекувања се стабилизира состојбите, буџетот се полни со предвидената динамика и ценам дека доаѓаат убави времиња за македонските граѓани, вели Мицкоски.