Мицкоски за пресудата за зградата на ВМРО-ДПМНЕ: „Правдата е задоволена“

Премиерот вели дека Груевски бил „амнестиран“ поради измените во Кривичниот закон. Но тие немале улога за имотот на ВМРО-ДПМНЕ


Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ (Фото: Б. Грданоски)

 

Отако повеќе години зборуваше дека се под судски прогон и дека судствоито е под политички стеги, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски може да биде задоволен – судот го одмрзна имотот на партијата. Кривичниот судот вчера, а месец и пол пред застарување на предметот „Талир 2“ донесе одлука со која екс-премиерот Никола Груевски е ослободен од вина, а за седиштето на ВМРО-ДПМНЕ се отфрли конфискацијата.

За Мицкоски пресудата е во согласност со правдата.

„Мојот став е многу јасен, ВМРО-ДПМНЕ кога беше предмет на политички прогон и еден вид агресија од страна на претходната влада, измислија случаи кои не постојат како што се ‘Талир’ и ‘Талир 2’. Вчера конечно судот, што се однесува до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, донесе пресуда која е во согласност на правдата и сето она што претставува очекување на граѓаните. Правдата е задоволена“, изјави Мицкоски за време на посетата на Сарај.

Тој има поинакво мислење за за ослободителната пресуда за Груевски, иако вели дека случајот „Талир 2“ бил измислен.

„Што се однесува за другиот дел од пресудата и лицето кое е опфатено со другиот дел од пресудата, од она што можев да го прочитам од одговорот на Кривичниот совет при Основниот суд, можам да заклучам дека станува збор за последица од законските измени во Кривичниот законик донесени од претходната влада на СДСМ и ДУИ и како резултат на тие законски измени имаше многу политички амнестии, а многу политички амнестии и ќе следат. За жал, еднаш кога ќе направите грешка, таа грешка станува правило и ве следи“, рече премиерот.

Судијката Даниела Алексовска во објавувањето на пресудата изјави дека за овој случај треба да се имаат предвид измените на Кривичниот законик со кои настапи и измена на обвинението. Но дека обвинителството не докажало дека бил сторен криминал и се држело до истите докази.

„Иако беа направени измени на обвинението немаше промени во доказите и фактите изнесени пред судот. Судот цени дека обвинителството не докажа надвор од разумно сомневање дека обвинетиот Никола Груевски сторил пречекорување на службената должност“, изјави Алексовска. 

Во април годинава предметот го презеде обвинителот Кристијан Смилевски од скопското Обвинителство, откако обвинителката Ленче Ристоска, која го водеше предметот, поднесе оставка од функцијата. На Ристоска ѝ беа одземени предметите „Талир 1“ и „Талир 2“со одлука на државниот јавен обвинител Ненад Савески.

Претходно, за истиот случај, во јуни 2022 година, Кривичниот суд донесе првостепена пресуда со која Груевски беше осуден на шест години затвор, додека пак поранешниот генерален секретар Кирил Божиновски доби условна казна.

Во 2024 година, повикувајќи се на измените во членот 353 од Кривичниот законик, донесени во 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укина првостепената пресуда и го врати предметот на повторно судење пред Основниот кривичен суд. Со законските измени во меѓувреме, застаре кривичното дело злоупотреба на службената положба за Кирил Божиновски, а постапката продолжи за поранешниот премиер Никола Груевски.

Тие се сомничеа дека заедно во периодот од јули 2012 година до 31 август 2016 година, со повеќе временски поврзани дејства, ја искористиле својата службена положба и овластувања со цел да обезбедат ново партиско седиште и незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ со што за правното лице, политичката партија, прибавиле имот – објект и значителна противправна финансиска корист од 132 милиони денари. Замрзната беше и  „Белата палата“, која според обвинението е незаконски изградена.

Професорката Мирјана Најчевска реагираше на вчерашната ослободителната пресуда, оценувајќи дека во Македонија на слобода се сите криминалци, освен оние кои сториле ситни прекршоци.

„Сите криминалци во Македонија се на слобода. Освен оние најголемите кои задоцниле со плаќање струја еден месец, кои украле 30 ќебапчиња и оние најстрашните кои продаваат китки магдонос и лозов лист пред пазарите. За нив нема милост. Законот е еднаков за сите. Посебно кога криминалците го кројат и донесуваат законот, а нивните пулени го спроведуваат“, напиша Најчевска на Фејсбук.