Мицкоски пушти незавршен булевар: Порано се крадеше, сега се гради!

Изграден е првиот дел од булеварот „Видое Смилевски- Бато“ од Фуштанска до село Порој. По тој повод во Тетово беше премиерот Христијан Мицкоски кој оцени дека иако досега изгледало невозможно, со напорната работа на градоначалникот, на советниците, на администрацијата и на пратениците- овој проект конечно доби своја димензија и форма.
Инаку, по булаварот не може да се вози се уште бидејќи вториот дел не е ни почнат да се гради. Во оваа прва фаза од изградбата на продолжението на булеварот комплетно се изградени коловоз, разделен појас, тротоари, фекална и атмосферска канализација, водовод и електрика во должина од 650 метри. Вториот дел што не ќе може да се користи е во должина од 1,133 метри,така што првата делница завршува со паркирани багери.
-Јас сум уверен дека овој настан ќе ги доближи работите. Она што можам да го кажам и повторно да го нагласам е дека до овој момент се пријавени околу 416 проекти од 56 општини во рамки на Министерството за локална самоуправа за финансирање на втората фаза.
Владата ги доделува средствата за проекти во општините неселективно, без да води сметка дали тие општини имаат градоначалници кои се дел од владејачката коалиција, како што тоа беше во минатото. Оваа влада ги реалоцира средствата од буџетот кон општините- кон сите општини- без разлика дали градоначалникот е од редовите на оваа влада, од опозицијата или е независен, рече Мицкоски.
Тој повторно ги најави новите 15 милијарди денари, кога ќе се додадат на претходните 6 милијарди од првиот повик, односно вкупно 21 милијарда денари.
-Како што кажа и градоначалникот, тоа се предвидени средства за финансирање проекти во висина од околу 15 милиони евра — нешто што навистина претставува историска бројка.
Ако на ова се додадат уште два многу значајни проекти за овој регион, ја користам оваа прилика да се заблагодарам на сите советници кои гласаа реконструкција на Кирил Пејчиновиќ, гимназијата, во вредност од прилика 50-тина милиони денари, проект донација преку општествената одговорност на една фирма.
Но, тука е и патниот правец којшто Тетово треба да го поврзе со Призрен. Веќе е формирана работна група од наша страна, од македонска страна, од косовска страна којашто ќе работи и на овој проект.Така што, важно е да се гради. Македонија да се гради, тоа е многу важно. За разлика од тоа како функционираше порано владата, кога Македонија се крадеше, оваа Влада функционира во насока на интерес на граѓаните, односно-да ја гради Македонија. Тоа е наша цел и тоа е приоритет, тврдеше Мицкоски.