Мицкоски се жали дека власта го блокира заемот од Светска банка за општините

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска се пожали дека власта го блокира заемот од Светска банка наменет за финансирање на општините. Одговарајќи на новинарско прашање при посетата на општина Гази Баба, тој најави дека комисиите и стручните тела на ВМРО-ДФПМНЕ работат заедно со политичките партии кои се дел од коалицијата на амандмани за ребалансот на Буџетот кои ќе бидат доставени во Парламентот.
„Дел од тие амандмани ќе бидат произлезени од народот и потребата на народот како подобра инфраструктура, паркови, спортски игралишта, канализација, водовод и подобри услови за живот за граѓаните“, рече Мицкоски.
Тој потенцираше дека очекува власта да покаже зрелост и да ги поддржи амандманите кои ќе ги предложи ВМРО-ДПМНЕ и со истите да не се однесува неодговорно како што во моментов го кочи заемот од Светска банка за поддршка на општините во Македонија.
„Очекувам од страна на владата одговорност и зрелост да ги поддржи тие амандмани, нешто што не е во случајот актуелно со заемот од Светска банка од 63 милиони евра кој го почнале уште во февруари 2021 мислејќи дека ќе победат градоначалниците на СДСМ на локални. Помина на комисија и сега Талат не ја става на пленарна седница“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека со заемот Гази Баба треба да добие отприлика милион евра и ако сега се вложени рекордни 50 милиони во асфалтирања на улици, ќе има нови 60 милиони денари за нови улици, канализација, водовод.